Тајландската принцеза се извини поради кандидатурата на изборите


Тајландската принцеза Уболратана Махидол (68), и се извини на јавноста поради „проблемот“ што го предизвика со својата кандидатура за премиерка на претстојните избори.

Изборната комисија претходно го отстрани нејзиното име од официјалната листа на кандидати за премиер со образложение дека членови на кралското семејство не треба да се мешаат во политика.

– Жал ми е што мојата искрена намера да работам за земјата и тајландскиот народ предизвика такви проблеми кои не би требало да се случуваат во оваа ера, напиша таа на Инстаграм.

Во исто време, изборната комисија најави дека ќе побара од Уставниот суд да разгледа укинување на партијата Спас за тајландската нација која ја кандидираше принцезата за премиерка.

Комисијата во соопштение истакна дека  партијата го прекршила изборниот закон поради кандидатурата на принцезата наведувајќи дека тоа е чин „спротивен на уставната монархија“.

Принцезата Уболратана е најстаро дете на покојниот тајландски крал Бумибол Адулјаде, а откако во 1972 година се омажи за Американец, се откажа од кралската титула.

По разводот во 2001 година, таа се врати во Тајланд каде учествуваше во животот на кралското семејство.