Тачи: Само казнувањето на авторите на геноцидот во Сребреница ќе ја излечи болката на семејствата


Косовскиот претседател Хашим Тачи потсети денеска на масакрот во Сребреница, кој се случи на денешен ден пред 23 години, порачувајќи дека Косово никогаш нема да се откаже од потрагата по вистината и казнувањето на авторите на такви злосторства.

– Денеска сме заедно со граѓаните од цел свет, кои се сеќаваат на најголемиот масакр по Втората светска војна во Европа, масакрот во Сребреница. Деца, жени и мажи беа ѕверски убиени и, затоа, само признавањето на минатото и казнувањето на авторите на геноцидот, ќе ја излечи болката на нивните семејства, напиша Тачи на Фејсбук.

Овој масакр, кој беше осуден од цел свет, вели Тачи, „за жал не го спречи режимот на (Слободан) Милошевиќ да изврши други масакри во Косово, со димензии на нов геноцид“.

– Република Косово никогаш нема да се откаже од барањето на вистината и казнувањето на авторите на тие масакри, порача косовскиот претседател.