Тачи: Приштина сака да го затвори поглавјето на конфликти со Белград
Приштина е подготвена да го затвори поглавјето на конфликти со Србија, изјави косовскиот претседател Хашим Тачи во телефонски разговор со бугарскиот премиер Бојко Борисов, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ.
– Во тој контекст за Косово и за Србија и натаму е важно да постигнат правно обврзувачки договор за нормализација на односите и за помирување. Го уверив мојот драг Бојко дека ние во Косово сме подготвена да го затвориме поглавјето на конфликти со Србија и да започнеме мир, наведе Тачи во објава на Фејсбук, во која информираше за телефонскиот разговор со Борисов.
Во разговорот, одржан во пресрет на Самитот ЕУ-Западен Балкан предвиден за 17 мај во Софија, Тачи нагласил дека сега е период на „мир и соработка“ и ја истакнал важноста на собирот во бугарскиот главен град за „појаснување на европскиот пат на Косово и на сите истанати земји од Западен Балкан“.
– Основен услов за членство во ЕУ, покрај исполнувањето на критериумите од Копенхаген, секако е и затворањето на отворените прашања меѓу сите држави од регионот, кои сакаат да и се приклучат на Унијата, додава Тачи во објавата.
Српскиот министер Ивица Дачиќ претходно денеска изјави дека Србија се залага за постигнување компромисно решение за Косово, додавајќи дека Белград сепак никогаш нема да ја признае косовската независност.
Според Дачиќ, постигнувањето на компромис би претставувало голем успех, бидејќи Косово е „близу до остварувањето на неговата независност“.
– За меѓународната заедница косовското прашање е решено и таа не сака да разговара за тоа, додаде Дачиќ.