Тачи: Попрво би седнал да разгоаварам со еден ѓавол одошто со Вучиќ


Претседателот на Косово Хашим Тачи  потврди дека утре во Брисел ќе се одржи нова рунда преговори меѓу Косово и Србија и рече дека очекува тешка средба со неговиот српски колега Александар Вучиќ.

Тачи во денешното интервју за агенцијата КосоваПрес рече дека повеќе би сакал да седне на преговарачка маса „со некој ѓавол, одошто со Вучиќ“.

– Очекувам дека ќе биде напорна, тешка средба, затоа што мојот хомолог од Србија е напорен соговорник, комплициран, а во исто време и оптоварен. Можам да речам дека повеќе би сакал да седнам со некој ѓавол на преговарачкка маса одошто со Александар Вучиќ, затоа што тој со сиот свој потенцијал, со сиот државен арсенал на Србија, работи на растурањето на Косово како држава, но и наштетувањето на косовските институции, изјави Тачи.

Тој е убеден оти секако ќе излезе на крај со таа ситуација но тоа, вели, не е доволно за соочувањето со Србија.

– Значајно е целиот политички спектар да се вклучи во овој процес, да се донесе што поскоро таа платформа на косовското Собрание, да се формира заедничка екипа на Косово, да бидеме сите заедно и да победиме во овој процес, изјави Тачи.

Косовскиот претседател рече дека се залага за целосен договор, кој подразбира меѓусебно признавање и кој е законски обврзувачки на меѓународно ниво.

– Се надевам дека овој процес ќе се затвори со договор кој дефинтивно подразбира меѓусебно признавање и можност за зачленување на Косово во Обединетите нации, со што ќе се отвори можноста за признавање на Косово од петте држави на Европската унија (кои се уште го немаат признаено) и ќе се отворат европските перспективи и за Косово и за Србија, изјави Тачи за КосоваПрес.