Тачи вети армија и побара ратификација на договорот за границата со Црна Гора
Косовскиот претседател Хашим Тачи во традиционалното новогодишно обраќање пред пратениците во косовскиот Парламент посочи дека заеднички приоритет останува постојаното ангажирање за подобрување на животот на граѓаните, за што тој секогаш се залагал.
Тој меѓу другото, во обраќањето изрази убедување дека во 2018 година Косово ќе добие своја армија.
– Јас денеска ви гарантирам дека Косово во текот на 2018 година ќе има свој одбранбен капацитет, значи една современа армија која ќе придонесува за мирот и стаблноста во регонот и насекаде во светот, истакна Тачи.
Според него, вооружените сили на Косово ќе го чуваат и зајакнуваат мултиетничкиот карактер.
– Ова е еден државен, природен и неопходен процес, кој доаѓа и како резултат на работата на припадниците на Безбедносните сили на Косово. Тие се мултиетничка сила во чиј состав повеќе од 10 отсто се припадници на немнозинските етнички заедници, посочи Тачи.
Во продолжение од обраќањето тој нагласи дека кредибилитетот на Косово како држава на меѓународната сцена и брзината со која ќе се приближуваат до членството во ЕУ и НАТО, главно зависи од сериозноста во исполнувањето на државните обврски.
– Ние треба да ги признаеме грешките и нив да ги надминеме колку можеме побрзо, бидејќи само така ќе можеме да ги забрзаме чекорите во евроатланскиот интегративен процес. Затоа, без да губиме време треба да го ратификуваме договорот за обележување на границата со Црна Гора, што ќе стави крај на неправедната изолација на граѓаните на Косово, апелираше косовскиот претседател.