Таткото на Дуа Липа ќе одржи предавање во Скопје


Дукаѓин Липа, таткото на една од најпознатите поп-ѕвезди во моментов во светот, доаѓа во петок во Скопје и ќе учествува на панел дискусија во рамките на ПИН- конференцијата во Младинскиот културен центар.

Дукаѓин е директор на маркетинг агенцијата „Република Комуникејшн“ основана во Приштина во 2008 година.

Панел-дискусијата на која ќе говори тој е со наслов „Нови правила“ и ќе се разговара за достигнувањето на успесите на артистите од Источна и Централна Европа.

„Како до музички хит? Како се организира светска турнеја? Соработки со други артисти, пејачи? Како е да се биде во топ три ѕвезди во светот?“ – ова се дел од темите на кои Дукаѓин ќе сподели искуства од неговата работа и успесите на неговата ќерка.

Покрај него, во дискусијата ќе учествуваат и Ева Кристина Филипчиќ од МЕНТ фестивалот од Словенија, Богдан Бенигар од џез-фестивалот „Друга годба“ од Словенија и Војтеч Калина од „Флај Хај Артист“ од Чешка. Модератор на разговрот ќе биде Гордон Масон од „IQ Magazin“.

Првата и единствена кај нас меѓународна музичка конференција годинава ќе се одржи по петти пат, од 29 ноември до 1 декември, а токму со овој настан во Младинскиот културен центар во Скопје официјално ќе биде отворена програмата за славеничките „Денови на Таксират #20“.

Од „Пасворд продукција“ велат дека ПИН-конференцијата е еден од најзначајните проекти во кој тие и „Таксират“ го вложуваат сиот свој капацитет, меѓународните искуства и успеси.

„Ги собираме сите најрелевантни имиња од европската музичка индустрија во тридневна програма на која се презентираат и дискутираат актуелните теми од музичкиот бизнис, а која во концертната програма ги претставува новите таленти и најпотенцијални музички изведувачи од различни земји“, соопштуваат од „Пасворд продукција“.

На конференцијата ќе учествуваат стотина значајни, актуелни гости и музички дејци од цела Европа, претставници на најголемите европски фестивали, музичари, промотори, музички агенти, менаџери, новинари и професионалци во областа на музичката и културната промоција.

„Конечно да внесеме свежи идеи во македонската музичка и креативна индустрија, да ги здружиме сите засегнати страни, оние што сакаат да бидат дел од неа и оние што знаат како функционира оваа индустрија во меѓународни рамки, да помогнеме во размена на идеи и искуства, меѓусебно поврзување и соработка на луѓето кои својот животен повик го откриваат во музиката и уметноста“, велат од „Пасворд продукција“.

Покрај панел-програмата, во вечерните часови пред македонската публика ќе се претстават над 20 нови музички таленти и најпотенцијални изведувачи од различни земји во Европа.

Покрај странските гости, од домашната сцена концертни настапи ќе имаат „Стринг форсис“, Горан Трајковски, „Егоритмија“, „Дупер“ и други. Влезот за сите концертите во рамките на ПИН ќе биде бесплатен. Целосната програма може да се погледне ТУКА.

И.Н.