Таравари ја промовираше „Вистината за ДУИ“
Градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари, денеска на прес конфренеција ја промовираше кампањата наречена „Вистината за ДУИ” со која, како што рече, ќе бидат обелоденети злоупотребите на претходното раководство, а биле констатирани од внатрешната ревизија.
Таравари нагласи дека има скандалозни работи почнувајќи од полицијата, образованието, областа на урбанизмот, работата на општинската администрација.
– Денеска го обелоденувам случајот со кафетеријата во спортската сала ЈПССО „Риниа” – Гостивар. Овој локал му е изнајмен на лицето Гази Фејзи за надоместок од само 5.000 денари месечно и тоа за период од 20 години. Скандалозен е фактот што оваа кафетерија го блокира влезот на спортската сала каде што се одржуваат натпревари во првата кошаркарска лига и се собираат повеќе од 2.000 гледачи на кои им се загрозува безбедноста.
Втората работа, истата кафеана користи електрична енергија и вода од спортската сала, значи тоа го плаќаат граѓаните на Гостивар”, посочи Таравари нагласувајќи дека со пари од Јавното претпријатие, се плаќале даноци и такси на кафетеријата. Таравари ќе разговара со новиот директор на спортската сала, за да се обиде да го раскине договорот.
Одговрајќи на новинарски прашања во врска со буџетот, Таравари, напомена дека во предлог буџетот за 2018-та има намалени трошоци особено во делот на непродуктивни расходи Таравари во врска со свикувањето на седница на Советот искажа оптимизам дека таа наскоро ќе се одржи и дека веќе испратил допис до претсадавачот за кординативен состанок.