Таравари: Подобро се снаоѓав како министер отколку како градоначалник


Подобро се снаоѓав како министер отколку како градоначалник, вели Арбен Таравари, екс министерот за здравство и актуелен градоначалник на Гостивар, во интервју за МИА.

Таравари е лекар и Виш научен соработник на Клиниката за неврологија во Скопје.

– Кога ја презедов министерската функција, пристапив со голем елан и желба да се сменат состојбите во здравството. Оформив тим што доби и поддршка од граѓаните, бидејќи ги увидоа намерите дека навистина ќе се подоброт работите. Откако не дојде до договор помеѓу коалиционите партнери за локалните избори, ние како нова политичка партија бевме принудени да излеземе на терен и заедно со претседателот Зијадин Села да ја побараме поддршката од граѓаните. Тоа не беше наша желба, туку на членството. Доколку тоа беше моја желба јас ќе останев министер или таму каде што работев како лекар кој е добро прифатен од пациентите. Сметам дека моето кандидирање и кандидатурата на Села беа „вистински чекор“. Лично, не згрешив што се кандидирав. Дефинитивно подобро се снаоѓав како министер, бидејќи бев во ресор што подобро го познавав и имав квалитетни соработници. Меѓутоа, и тука во општината формирав добар тим и се навикнувам на новата работа. Сметам дека ќе бидеме успешни – вели тој.

Во врска со дебатата за локацијата на Клинички центар, Таравари смета дека тој апсолутно треба да се дислоцира.

-Додека бев министер во неколку наврати тоа му го кажував на премиерот, со образложение дека мал број пациенти починуваат во возилата додека се транспортираат кон Клиничкиот центар. Причината е густиот сообраќај по улицата „Водњанска“. Во период на „шпицот“, од 9 изутрина до 15 часот, делница помала од еден километар со автомобил се поминува за половина час. Доколу почнат градежни работи, тој метеж ќе се зголеми и застоите ќе бидат подолги, а Клиничкиот центар нема да функционира. Во оваа прилика сакам да појаснам дека не станува збор за изградба на нов Клинички центар, како што претходната власт тоа го најави. За да нема забуни, на предвидената локација (стара Гинекологија) е предвидено да се гради една зграда наменета за интерните клиники. Да напоменам и дека трошокот за изградбата на тој таканаречен Клинички центар е превисок. За тие пари може да се направи целосно нов и на нова локација. Ќе биде и поевтино доколку дел од стариот се продаде. Постојат две физибилити студии. Според нив, новиот центар би бил подостапен и пофункционален за пациентите и персоналот. Едната локација е во Бардовци, а другата во касарната „Илинден“. Решението со дислокацијата на една од овие две локации го сметам како најдобра опција. Предложив и кредитот, што е предвиден за изградба на зградата, да не се троши во целост, туку на местото на стара Гинекологија да се направи помала зграда за клиничка лабораторија и дијагоностички центар – вели Таравари.