Тамара на Евросонг со песната „„Proud“


Закажана е премиерата на евровизиската песна со која Тамара Тодевска ќе нè претставува во Тел Авив, Израел, а како звучи темата насловена „Proud“ (Горда) ќе дознаеме во петок, во централниот дневник на МТВ во 19,30 часот.  Евровизискиот тим работи на целосно осмислен концепт, како цел пакет што ќе ѝ биде понуден на евровизиската публика.

Поп-ѕвездата неодамна објави долго писмо на социјалните мрежи, објаснувајќи ја приказната што ќе ја раскаже со „Proud“.

„За мене Евровизија отсекогаш претставувала прифаќање на различното, пркосење на правилата и прифаќање на себеси, баш онаков каков што си. Евровизија е таа една вечер во годината кога публиката во целиот континент се собира на едно место за да ја прослави посебноста, храброста и вербата во себе! Тоа е местото кадешто да се биде различен значи да се биде ГОРД на себеси…  Затоа, на 16 мај, ќе пеам за мојата ќерка. Ќе пеам за сите на кои им било кажано да ги наведнат главите и да ги следат правилата. На 16 мај, ќе ги прекршиме правилата и барем една вечер во годината ќе му кажеме на светот дека СЕ ГОРДЕАМ СО СЕБЕ е секогаш посилно од нивното НИКОГАШ НЕМА ДА БИДЕШ ДОВОЛНО ДОБАР/А! СЕКОГАШ ќе бидете доволно добри! Се гледаме во Тел Авив!“, напиша Тамара.

Aвтори на песната се едни од најдобрите композитори во Македонија и регионот – Роберт Билбилов, Дарко Димитров и Лазар Цветкоски, а текстот го напишаа Коста Петров и Сања Поповска.