Талат во Лондон оди, триесетина со себе води


Близу триесетина пратеници, предводени од спикерот Талат Џафери, заминуваат утре за Велика Британија за да присуствуваат на конференција во Вилтон Парк, каде што ќе се дебатира за дијалогот и процедурите во македонскиот парламент, поточно на тема „како да се изгради понезависен и поефикасен парламент“.

Од Собранието не сакаа денеска да откријат повеќе детали за настанот, поради кој македонскиот законодавен дом ќе биде полупразен и без активности до крајот на оваа седмица, бидејќи на конференцијата одат и десетина вработени во стручните служби и во кабинетите во парламентот. За тоа кој сѐ ќе учествува на конференцијата, која се одржува зад затворени врати, и на кои теми ќе се зборува е најавено официјално соопштение утре.

Според неофицијалните информации, организацијата и финансирањето на настанот е преку Британската амбасада во Скопје, во соработка со престижниот институт „Вилтон Парк“, а веројатно и Вестминстер фондацијата. Во делегацијата што ја предводи Џафери се очекува да бидат и генералната секретарка на парламентот Цветанка Иванова, сите координатори на пратенички групи и претседатели на сите двесетина комисии, што значи дека на настанот ќе има и претставници на ВМРО-ДПМНЕ, која го бојкотира парламентот подолго од два месеци. Очекувањата се пратениците, во присуство на британски експерти, да дебатираат за етичкиот кодекс на законодавниот дом, за подобрување на Деловникот, како и за релаксирање на политичкиот дијалог меѓу парламентарните партии.

Ова не е прв пат македонски пратеници да бидат повикани на конференција во Вилтон Парк – место на стотина километри од Лондон. Конференцијата, како што раскажуваат пратеници, се одржува во замок стар повеќе од два века, кој е преуреден во хотел.

На вакви настани, главно, се решаваат битни прашања за функционирање на парламентот, за кои пратениците тешко постигнуваат консензус дома. Така, на конференцијата во Вилтон Парк во 2007 година беше усогласен Законот за Собранието на Македонија. (А.М.М.)