СЈО не ги спаси обвинетите од ВМРО-ДПМНЕ


Формирањето на Специјалното јавно обвинителство граѓаните, а најмногу обвинетите, го дочекаа еуфорично и со надеж дека во Македонија конечно дојде правдата. Сите обвинети, особено оние што тврдеа дека минатата власт ги гонела политички и дека биле жртви на режимот, уште веднаш бараа нивните случаи да ги преземе и да ги преиспита Специјалното јавно обвинителство.

Но сите обвинети што ги гонеше Обвинителството за организиран криминал и корупција не ги спаси Специјалното јавно обвинителство. СЈО со исти обвиненија или со мали измени ги гони истите обвинети во случаите „Монструм“ и „Шпион“, случаи кои ги презеде од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Предметите „Монструм“ и „Шпион“ се вратени на повторно решавање по пресуди на повисоките судови.

Шестемина обвинети за петкратното убиство кај Смилковското Езеро, Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Фејзи и Хаки Азири и Сами Љута, и Специјалното јавно обвинителство ги товари за кривичното дело тероризам и терористичка организација. Единствена разлика во обвинението на обвинителката Гордана Гешкоска, која претходно го водеше случајот, и сегашната обвинителка од СЈО, Фатиме Фетаи, е тоа што Фетаи во судот го прочита единствено датумот на кој беа убиени четирите момчиња и рибарот и не го спомена големиот христијански празник Велики Четврток, кој православните христијани го славеа баш на денот на убиството.

Новиот судски процес што се води откако Специјалното јавно обвинителство го презеде случајот, засега е ист како претходниот бидејќи се води според стариот закон за кривична постапка и најпрвин треба исказ да дадат истите сведоци, односно да се изведат истите докази. Единствено судењето е многу потранспарентно од минатиот судски процес. Новинарите првпат имаа можност да слушнат исказ на загрозен сведок, токму во овој процес, а заедно со судиите, обвинителите и обвинетите го видоа и клучниот доказ во овој процес, црвената „опел омега“, автомобилот со кој се возеле дел од обвинетите.

За разлика од минатото судење, обвинетите сега доаѓаат на судење од дома откако Врховниот суд им го укина притворот. Од затвор го носат само обвинетиот Фејзи Азири, кој е осуден на затворска казна за нелегално поседување на оружје, односно за друго дело.

Сепак, Специјалното јавно обвинителство и одбраната најавија нови сведоци и докази од чија анализа ќе зависат промените што ќе ги направи СЈО. Останува неизвесно дали новите докази, меѓу кои се и прислушуваните разговори што ги поседува обвинителството, ќе фрлат ново светло врз случајот, односно дали ќе има нови обвинети и дали евентуално обвинителството ќе направи преквалификација на делото. Засега, обвинителството оди во насока да докаже дека токму лицата што се на обвинителна клупа се инволвирани во монструозното убиство.

Истото обвинение, со мали измени остана и во случајот „Шпион“ во кој се обвинети поранешни и сегашни разузнавачи од цивилното и военото разузнавање, поранешни полициски службеници, ексдиректорот на Управата за борба против перење пари и поранешниот шеф на кабинет на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски.

Постапката што се водеше против новинарот Зоран Божиновски сега е споена, а обвинителството нема да го гони новинарот за оддавање државна тајна, но го гони за шпионажа, уцена и за други дела. Овој случај првин го водеше обвинителката Лиле Стефанова, како обвинител во Обвинителството з организиран криминал и корупција. Сега Стефанова е во редовите на СЈО, а „Шпион“ сега го води нејзината колешка Елизабета Стефанова.

„Шпион“ беше еден од првите случаи чија надлежност ја презеде СЈО, и тоа пред Апелацискиот суд во второстепена постапка. Обвинетите на оваа јавна седница останаа шокирани бидејќи спасот за овој случај го гледаа во СЈО, а обвинителката ги отфрли најголем дел од жалбите и единствено побара намалување на казните на обвинетите.

За дел од обвинетите пресудата беше потврдена и беа намалени затворските казни, но деветмина од обвинетите повторно седнаа на обвинителна клупа и им се суди за другите дела за кои се обвинети. Во судот за овој случај, пак, им се суди на поранешниот генерал Горан Стојков, поранешниот шеф на кабинет на претседателот на Собрание, Марјан Маџовски, поранешниот разузнавач Александар Диневски и на новинарот Зоран Божиновски.
Новинарот, уште додека се водеше одвоена постапка против него, обвинуваше дека предметот против него е нарачан од поранешниот премиер Никола Груевски, а креатори биле поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков и неговиот шеф на кабинет Тони Јакимовски. Но обвинителката од СЈО сепак го товари Божиновски за истите дела, дека уценувал бизнисмени и барал пари од нив за да не објави афери.

Деновиве на доиздржување на казната затвор беше приведен поранешниот разузнавач Тоше Кошиновски, а се очекува да биде приведен и Диневски.
„Ако на СДСМ и на нејзиниот лидер Заев им било до право и правда, монтираните судски процеси од страна на режимот ќе ги подложеа на ревизија и ќе почнеа од почеток, наместо да апсат жртви на режимот како Кошиновски“, напиша новинарот Божиновски.

Коалицијата „Сите за правично судење“ ги следи сите судски рочишта и во случајот „Шпион“ како промена го наведуваат спојувањето на постапката, а за „Монструм“ очекуваат нови докази и да се отстранат противречностите што ги констатираше Врховниот суд.

„Каков ќе биде конечниот исход од овие постапки не можеме да кажеме бидејќи согласно членот 16 од Законот за кривичната постапка судот одлучува по начелото на слободна оцена на доказите и по свое убедување, а единствен надлежен орган за проверка на ова одлучување е непосредно повисокиот суд. Она што останува е овие постапки да бидат следени во смисла на почитувањето на процесните правила, начелата на фер и правично судење и транспарентноста во поглед на јавното аргументирање на донесените одлуки“, вели извршната директорка на коалицијата „Сите за правично судење“, Натали Петровска.

СЈО ги презеде од своите колеги од Јавното обвинителство и случајот „Пуч“, во кој беше обвинет сегашниот премиер Зоран Заев и случајот „Сопот“, во кој над десет години им се судеше на жители од селото Сопот кои се товареа дека во 2003 година подметнале мина од чија експлозија загинаа двајца војници на НАТО. За овие случаи СЈО ги повлече обвиненијата поради недостиг на докази.

Фросина Факова-Серафиновиќ