СЈО знае и подобро


Во моментите кога Специјалното јавно обвинителство почна да ги добива битките со главните ликови од „бомбите“, не смееше да си дозволи малодушност со театрални настапи. Со тоа ризикува целиот нивен професионален ангажман и способност да се водат најсложени и тешки процеси да биде минимизиран со невкусни досетки, непотребно кршење на правата на осомничените и недржење до моралот со што им даваат ветер во грб на оние што ги сметаат за продолжена рака на власта.

Нема потреба специјалната обвинителка да се појавува во вечерните часови на телевизија која, патем, е во сопственост на човек чиј глас го слушавме во „бомбите“ за да соопшти оти отвориле нови истраги. Притоа, медиумите не мораат, но таа мора да ја почитува презумпцијата на невиност и да не кажува цели имиња и презимиња на осомничени, како што постапуваше сè досега. Да не кажува кој колку години ќе оди во затвор, оти тоа e работа на судот. Нејзината колешка да не дофрла во суд дека на некој осомничен/обвинет/осуден му се ближи времето, затоа што таа го направи своето: ги презентираше доказите и ја доби постапката. Ништо повеќе од тоа не е нејзина работа.

Специјалното јавно обвинителство истера ужасно тешка работа. Тоа е факт кој мора да го признаат и противниците. Се фатија за работа во едно многу незгодно време без оглед што многумина ќе кажат дека им било лесно поради поддршката од целата меѓународна заедница. Сепак, требаше храброст и умешност да се впуштиш во битка со цела владејачка машинерија – кога никој или ретко кој беше подготвен за тоа. Десетици илјади преслушани разговори, селектирање битно од небитно, спроведување истраги, поднесување обвинение, долга судска постапка, одложувања рочишта, игри со адвокатите… Тоа го можат само оние најсамоуверените и оние со челични нерви.

Несомнено тешко им беше на почетокот. Омаловажувани и без никаква поддршка од другите институции. Чекор по чекор, ден по ден, недела по недела, им се сменија картите. Сега кој може да им каже не?

Нивните поддржувачи ги гледаат како ѕвезди, но сегашната слава не смее да ги понесе, ниту да ги успие. Сето тоа е минливо и затоа треба да останат професионални до крај. Јавната обвинителка знае дека во моментов немаат мандат да поднесуваат обвинувања. И тешко дека набргу ќе им биде продолжен рокот за тоа, затоа што на власта ѝ треба двотретинско мнозинство, а поголеми се шансите пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за уставните измени за договорот со Грција отколку за тимот на Катица Јанева. Но, тоа не значи дека не треба да работат. Затоа и имаат поддршка од јавноста за својата работа, оти секој што правел криминал – мора да одговара за тоа.

Само чудно е зошто СЈО за шесте најнови случаи не свика прес-конференција како досега, за да можат да бидат поставувани прашања за сите дилеми што се отворија во претпразничната приквечерина на 10 октомври. Една од дилемите, на пример, е како токму сега, три години по формирањето, отворија предмет против некогашниот министер за здравство, а сега вицепремиер Бујар Османи, кој е еден од главните играчи во процесите околу договорот со Грција?

И што се случи со истрагата за случајот „Попис“ во кој се осомничени Али Ахмети и Никола Груевски? Или со Срѓан Керим и пропаста на фирмата МПМ што ги издаваше весниците: „Утрински весник“, „Дневник“ и „Вест? Ништо. Не смее да се покренуваат обвиненија. Исто е и со последните случаи што ги најави Јанева. Којзнае, можеби СЈО ќе се претопи во Основното јавно обвинителство или утре ќе има смена на политичката слика во земјава. Токму затоа, „специјалните“ мора да бидат охрабрени да работат со полна пареа како досега, но да престанат да се однесуваат како оние чиј погрешен стил на владеење заврши во нивните раце.

Горан Адамовски