Сѐ уште нема трага од Адеа Шабани, заврши ли американскиот сон со трагедија?


Блиското друштво на Адеа ја предупредило полицијата дека актерот Кристофер Споц е проблематичен, но полицијата не го сфатила тоа сериозно. 
Пријателите на Шабани се молат секоја минута Адеа да биде пронајдена жива.

Американските медиуми интензивно пишуваат за младата актерка од Македонија, Адеа Шабани, со оценка дека сѐ помала е веројатноста таа да биде пронајдена жива откако актерот, кој од полицијата е идентификуван како Кристофер Споц и кој бил во врска со неа, извршил самоубиство со пиштол.
Локалната полиција се сомнева дека истото возило со кое управувал Споц, најверојатно, било искористено за убиство што се случило во округот на Лос Анџелес. Американската полиција верува дека Адеа е убиена во регионот меѓу Холивуд и Сакраменто, но сѐ уште нема потврдени официјални информации и поради оваа причина упатија молба до јавноста, ако има некој некаква информација за овој случај, истиот да го пријави во најблиската полициска станица.

Во Македонија со шок и неверување се примаат тврдењата на американските медиуми. Една од пријателките со која пораснала Адеа, Агнеса Чаволи, за „Независен“ рече дека е многу шокирана од информациите што секојдневно пристигнуваат од САД и секоја секунда се моли да нема вистина во нив и полицијата да ја пронајде Адеа жива.

„Со Адеа живеевме во исто маало. Откако го заврши факултетот тука, замина за Франција и продолжи во Дубаи. Таа отсекогаш сакаше да порасне и да се искачи што е можно погоре на скалилата на животот. Не сакаше да остане тука, таа беше многу амбициозна личност, позитивна девојка со многу сништа. Адеа секогаш беше најпозитивната личност во друштвото и беше во чекор со сите информации во модата, музиката, филмот. Последен пат се видовме пред две години во Дубаи каде што ми рече дека ќе замине во Лос Анџелес за да продолжи со актерството. Имаше брз начин на живот. Едноставно, шокирана сум како се случи ова, како еден месец немаме ниту една информација за неа ниту, пак, кој бил човекот со кого била. Секоја секунда се молам да е жива“, рече Чаволи.

Во САД, поточно во Лос Анџелес, Адеа се стекнала со нови пријатели. Информациите до кои дојде „Независен“ говорат дека блиското друштво на Адеа од порано ја предупредило полицијата дека актерот Кристофер Споц бил проблематичен, но тамошната власт и полицијата не ги сослушале нејзините пријатели и не им поверувале. Истите извори за „Независен“ говорат дека биле исконтактирани од анонимно лице кое пријавило дека Адеа била забележана во автомобилот на Споц под дејство на алкохол, дрогирана и била во опасност, и тоа веднаш било пријавено во полиција. Локалната полиција во Лос Анџелес одби да даде дополнителни информации за овој случај и само соопшти дека истрагата е во тек и сѐ уште се води како случај на исчезнато лице, а не како убиство.

Членовите на семејството на Адеа Шабани, освен што најмиле приватен детектив, преку постери што ги поставуваат низ Калифорнија се обидуваат да дојдат до информација плус која ќе им помогне да ја пронајдат исчезнатата Адеа.

„Немаме информации дека побегнала. Немаме ниту информации дека сакала да се самоповреди“, изјавил приватниот детектив Џејден Брант за калифорниската полиција.

Американските власти нудат награда од 25 илјади долари за корисна информација која ќе помогне во нејзино пронаоѓање.

Друг пријател на младата и перспективна актерка, Лисјен Јовановски, со апел до сите:
„Третирајте го ова како таа да е член на вашето семејство, ваша пријателка, бидејќи верувајте ми, ако ја запознаевте оваа девојка, ќе ви беше голем пријател“, изјави Лисјен Јовановски.

Блерим Исмаили