Судски рочишта за „Труст“ и „Тарифа“


Судски рочишта за предметите на Специјалното јавно обвинителство „Труст“ и „Тарифа“ за денеска се закажани во Кривичниот суд.

Во „Труст“ првоосомничен е бизнисменот Сеад Кочан, како и две физички и три правни лица, меѓу кои и управителите на фирмите „Трансмет“, „Силекс“ и „Вато“ ДООЕЛ, за учество на тендер на Електрани на Македонија.

На ред се доказите на одбраната, по што се очекуваат завршните зборови и пресудата.

Според обвинението, осомничените со фалсификувани документи местеле тендери во ЕЛЕМ во вредност од 17 милиони евра.

Предметот, како што објави СЈО, е оформен врз основа на три прислушувани разговори, од кои два необјавени во јавноста од 3.8.2011 и 6.10.2011 година.

Во предметот „Тарифа“ пак обвинети се поранешниот генерален директор на АД „ЕЛЕМ“ Дејан Бошковски и уште други две лица.

Станува збор за обвинение за противзаконска набавка на софтверски систем за потребите на државната компанија „Електрани на Македонија“ вреден околу четири милиони евра.

Обвинителите на СЈО рекоа дека ќе докажат оти тројцата обвинети ја злоупотребиле службената положба и овластувањето. Обвинетите пак се изјаснија дека не се виновни.

Според обвинението на СЈО, обвинетите ја злоупотребиле службената положба и овластувањето во постапка за јавна набавка на софтвер – „ЕРП систем“. Обвинетите со неизвршување на службената должност овозможиле правното лице – конзорциум, кое подоцна го добило тендерот, да се квалификува во втората фаза на преговарање при јавната набавка, иако немало доставено комплетна документација.