Судот му го одзеде пасошот на Јакимовски


Одземен пасош и редовно пријавување во судот, се мерките на претпазливост кои Судот им ги изрече на поранешниот градоначалник на општина Карпош, Стевчо Јакимовски и четворица негови соработници.
Тие се сомничат дека ја злоупотребиле својата службена положба и овластување во три постапки за јавни набавки.
Јакимовски, по излегувањето од Кривичниот суд, остана на ставот дека се работи за политички монтиран случај и се прави со цел да се дефокусира јавноста.
– Нема потреба од вакви спектакли, нема што да кријам, изјави Јакимовски.
Тој се заблагодари на полицијата, финансиската и судската полиција, како и на Бирото за јавна безбедност за коректниот однос.
– Ниту сме ја злоупотребиле службената функција, ниту имало организиран криминал, ниту некој нешто украл, ниту некој нешто однел дома. Општинските бараки се таму, плоштадот е таму и навистина нема смисла што се малтретираат моите колеги за работа што нема никаква врска со корупција и уште помалку со организиран криминал, рече Јакимовски.
Адвокатот на Јакимовски најави дека ќе поднесе жалба на мерките за претпазливост, посочувајќи дека се работи за случај во кој воопшто не постои дело.