Судот ветува брза вистина за „Монструм“


Судија, веќе не можеме да издржиме. Ова е агонија која нема крај“, повикаа родителите на убиените момчиња кај Смилковско Езеро откако во скопскиот Кривичен суд повторно беше одложено рочиштето за случајот „Монструм“. Адвокатот Насер Рауфи донесе потврда дека неговиот клиент Фејзи Азири бил примен на Одделението за пулмологија во скопскиот Клинички центар, што ја налути обвинителката Фатиме Фетаи која побара целокупна лекарска документација како доказ, а не само парче хартија за хоспитализација. Судијата Огнен Ставрев вети дека лично ќе провери за што станува збор, но судењето сепак беше одложено за 15 мај.

Во име на судот можам да ви ветам дека ќе дојдеме до вистината, барам само да бидете трпеливи, а јас се надевам оти ќе одиме бргу“, рече судијата Ставрев.

Колку е тоа бргу? Една деценија, две? Поминаа веќе шест години и гледаме дека сѐ зависи од тоа кој е на власт“, реплицираа родителите.

Случајот сега е во рацете на специјалното јавно обвинителство, од каде што рекоа дека се подготвени да ја водат постапката. Во судот присутни беа обвинетите Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири и Сами Љута, додека Алил Демири и Африм Исмаиловиќ и натаму се недостапни.

Случајот е премногу сериозен за да се одолговлекува со вакви белешки за хоспитализација“, констатираше Фетаи. Рауфи се правдаше дека не може да поседува лекарска документација и оти ова сега било првпат да одложи судско рочиште.

Тамам кога се подготвуваше распуштање, реагираа родителите на убиените момчиња, кои побараа да се обратат пред судот и пред новинарите што го следат процесот.

Бараме судот и обвинителството да ја утврдат улогата на обвинетите, дали се поврзани со случајот како директни извршители или помагачи, да се утврди природата на контактите и пораките на петте функционери на ДУИ, односно транскриптите од броеви што се класифицирани како државна тајна, да се открие идентитетот на двете Н.Н. лица посочени од заштитниот сведок, а чии гласови се слушаат во разговорите, но не се опфатени во истрагата. Нашите деца беа убиени во четврток вечерта, ни ги донесоа во петокот попладне и имаа отворени очи. До саботата, кога ги закопавме, им течеа солзи по лицето. Сите што си поигруваат со нивната смрт, со нас и со нашите судбини, нека се плашат од тие солзи“, рече Зорица Наќевска.

Нејзиниот сопруг Горан побара да даде изјава под полна морална и кривична одговорност. Потсети дека кога биле кај премиерот Зоран Заев тој им ветил дека ќе ги даде имињата на петте функционери на ДУИ кои ги има во „бомбите“ и кои, наводно, се поврзани со смртта на децата.

Ама, тогаш ДУИ му беше политички противник. Ни покажа транскрипти од разговор меѓу потпретседателот на ДУИ, Невзат Бејта и обвинетиот Фејзи Азири. Лани, кога судот ја поништи првостепената пресуда, сопругите побараа и остварија уште една средба со Заев. Но сега им рече дека не смее да им ги даде транскриптите бидејќи се државна тајна и ќе сторел кривично дело, ама им велеше слободно да фотографираат. Сметаме дека доказите се во седиштето на СДСМ, бараме судот да издаде наредба за претрес и да ги обезбеди транскриптите. Ценетиот премиер Заев манипулира и уценува со доказите. Доколку сметате дека лажеме и измислуваме, повикајте го нека дојде во судот, ако сакате и стражарно спроведете го, ние сме тука и ќе чекаме колку што треба за да се соочиме“, зборуваше Горан Наќевски и побара сѐ што кажал да биде внесено во записник.

Ги демантираше и тврдењата дека возилото со кое се превезувале извршителите („опел омега“) е во сопственост на „алфите“ извикувајќи дека доколку макар еден припадник на „алфите“, вклучително и педесетината Албанци што се дел од единицата, посведочи дека некогаш се возел во тој автомобил, ќе побара судењето да се прекине.

Имам двајца први братучеди и тројца соседи што се во ‘алфите’, тие ми гарантираат дека пронајденото возило не е на нивната единица“, заклучи Наќевски.

Независен весник“ стапи во контакт со Невзат Бејта, кој кусо ни рече дека е надвор од државата и ни ја спушти слушалката откако слушна за што го бараме.

Масакрот кај Смилковското Езеро се случи на 12 април 2012 година, на Велики четврток, пред големиот христијански празник Велигден, кога беа убиени Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и Борче Стефановски. За петкратното убиство беше отворен предмет „Монструм“, а на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ и Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд во декември лани ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. За судот сѐ уште се недостапни Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, против нив е распишана меѓународна потерница.

Горан Адамовски