Судијата му го честиташе 40 – от роденденот на Јанакиески


Судијата Горан Бошевски кој го води предметот „Траекторија“ на крајот од рочиштето му го честиташе 40-от роденден на поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, кој на својот роден ден слушаше „бомби“ во судница.

На денешното рочиште во судот беа пуштени разговори во кои се слуша како поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски го советува поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески да одберат голема градежна компанија од Кина која пак ќе им помогне да добијат кредит, бидејќи, како што вели, тие си имаат свои луѓе кои посредуваат со кинеските банки.

Адвокатот на одбраната Еленко Миланов даде приговор за неколку разговори за кои рече дека не се потврдува нивната веродостојност. Тој побара пристап до предметот, односно цедето од разговорите или изворниот материјал за да може подетално да се произнесе. Побара увид во сите докази на СЈО за да може да се произнесе техничкиот советник на одбраната.

Обвинителката Лиле Стефанова оцени дека одбраната ги повторила истите приговори како и во воведните зборови. Додаде дека досега не слушнала приговор за тоа дека овие разговори не се водени од обвинетите и дека одбраната инсистирала да се пуштат разговорите.

Во „Траекторија“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на ЈП Државни патишта Љупчо Георгиевски и се товарат дека ги пречекориле овластувањата при изборот на компанија за изградбата на автопатските делници до Штип и Охрид.

Судењето ќе продолжи на 12 и 26 октомври со читање на СМС пораки на обвинетите.