Судењето за „крвавиот четврток“ продолжува на 31 август


Судскиот процес за насилствата во Собранието на 27 април минатата година, ќе продолжи на 31 август со сослушување на сведоци предложени од обвинителството, откако на денешното рочиште обвинетите, кои се теретат за терористичко загрозување на уставниот поредок, рекоа дека го разбираат обвинението, но оти не се чувствуваат виновни.
Како сведоци на 31 август се повикани Дамјан Манчевски, Фросина Ременски, Павле Богоевски и Илија Николовски. Денеска обвинетиот Горанче Ангеловски не го прифати бранителот што судот му го именува по службена должност, откако на минатото рочиште се откажа од својот адвокат.
Ова е четврто рочиште од почетокот на судењето за процесот во кој обвинети се 33 лица, од кои 31 за терористичко загрозување на уставниот поредок и две лица за помагање.