Сугарески: Во крајна фаза преговорите за анекс договорот за автопатот Кичево-Охрид


Во крајна фаза се преговорите за потпишување на анекс на договорот со кинеската компанија „Синохидро“ за изградба на автопатот Кичево-Охрид. Анексот треба да овозможи доизградба на автопатот, кој со основниот договор требаше да биде завршен до 31 јануари. Ако не се потпише анексот, во случај на спор, Македонија може да остане и без автопат и без големи финансиски средства.

Ова го изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески вечерва во гостување на ТВ 24 вести.

Очекува дека преговорите ќе завршат успешно и оти по изготвувањето на анексот на договорот, тој ќе треба да биде одобрен од македонското Собрание. Дури потоа, рече Сугарески, Владата и директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов ќе го потпишат со цел да продолжи изградбата на автопатот.

– Ние со потпишувањето на овој анекс договор сакаме да продолжи изградба на автопат за којшто граѓаните на РМ поделиле сума, огромна сума на пари и таму сметаме дека треба да има автопат. Другата страна носи прекинувањето на договорот, немање автопат и комплетно овие спорови да одат на арбитража каде што РМ ќе биде една од учесниците.  Во ситуација да се изгуби една таква арбитража ние како држава ќе останеме и без автопат и без големи финансиски средства, рече Сугарески.

Во врска со обвиненијата што СЈО ги има покренато за изградбата на овој автопат, тој вели дека станува збор за обвинение, а не за докажана вина.

– Ние како власт за разлика од претходната знаеме да почитуваме што значи презумција на невиност. Јас сум правник и знам што значи докажана вина. Дали овие средства ќе бидат на штета на РМ, дали на штета на осомничените или на штета на кинеската компанија, рече Сугарески, коментирајќи ги обвиненијата на СЈО за провизија од склучените договори.

Во преговорите што се водат со претставници на кинеската компанија „Синохидро“ учествуваат министерот Горан Сугарески, вицепремиерот Кочо Анѓушев и директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов.