Субјективно и импровизирано се создавал Музејот на ВМРО


Законски неправилности од стартот па сѐ до реализацијата на музејот познат како Музеј на ВМРО, констатирала шестчлената работна група која беше формирана во март годинава од страна на Министерството за култура. Работната група за преиспитување и оправданост на постоењето на овој музеј ја сочинуваат: историчарот Александар Литовски како претседател и членовите Донка Барџиева-Трајковска, Елеонора Петрова, Златко Теодосиевски, Гордан Николов и Жарко Трајановски. Тие разгледувале обемен материјал од околу 270 документи.

По завршувањето на нивната работа, тие предлагаат скратување (а не преименување) на името на музејот, чиј целосен назив е НУ Музеј на македонската борба за државност и самостојност – Музеј на ВМРО и Музеј на жртвите од комунистичкиот режим. Нивниот предлог е музејот да го носи името „Музеј на македонската борба за државност и самостојност“, но и да се формира стручна комисија која ќе направи соодветна промена на постојната музејска поставка.

„Предлагаме промена во оние делови што се спротивни на историските вистини и што не ги претставуваат најзначајните моменти од македонската борба за државност и самостојност. Стручна комисија да изработи елаборат за постојана музејска поставка, согласно со современи научни и музеолошки критериуми и согласно на потребите на македонското општество изразени на јавните дебати. Да се воведе критериум да преовладуваат оригинали, а да бидат акцентирани клучните моменти од македонската борба за државност и клучните моменти од македонската борба за осамостојување и меѓународно признавање“, рече Литовски на вчерашната средба со новинарите.

Според него, во моментов, со восочните фигури, уметничките слики и сценографиите Музејот повеќе личи на театар отколку на историско-научен музеј.

„Очекувам Министерството за култура да ги прифати предлозите и да се изработи нова поставка која треба повеќе да обрне внимание на сегашноста и иднината, да поттикнува соработка и соживот, а не да прави поделби во општеството. Сегашната поставка е слика за партизација бидејќи доминираат експонати поврзани со основањето на историското ВМРО до сегашното ВМРО-ДПМНЕ со восочната фигура на Драган Богдановски, еден од основачите на партијата. Од 13 оддели во музејот, осум се чисто за историјата на МРО, ВМРО, ТМОРО…, односно континуитет од 1893 од 1991 година, а и во другите оддели повторно, индиректно се зборува за дејците на ВМРО низ историјата – рече Литовски.

Како што рече Донка Барџиева-Трајковска, член на работната група, прекршени се четири закони и тоа Закон за буџет, Закон за спроведување на буџетот, Закон за музеи и Закон за заштита на културното наследство.

„Во 2007 година во ставка за музејска и кинотечна дејност биле наменети 16.600.000 денари и тогаш првпат се појавува името на музејот во документација, а одлуката за основање е донесена во 2008 година. Крајната сума се 12 милиони евра кои се потрошени до отворањето на музејот. Со тоа што изградбата е ставена во музејска и кинотечна дејност, прекршени се законите за буџет и за спроведување на буџет. Тоа е злоупотреба на пари кои се наменски, бидејќи се однесуваат на функционирањето на музејската и кинотечната дејност. Законот за музеи е прекршен зашто не се испочитувани условите за формирање музеи, меѓу кои се и изработка на елаборат, кој воопшто не постои. Исто така, не била побарана согласност од матичната установа – Музејот на Македонија“, рече Барџиева-Трајковска.

Прекршувањето на Законот за културно наследство е во тоа што во 2013 година овој музеј бил прогласен за културно наследство по сила на закон, иако за тоа не биле исполнети условите. Таквиот статус го добила и Порта Македонија, а не се знае по кој основ.

Барџиева-Трајковска објасни дека за да се добие таков статус, потребно е музејскиот материјал во самиот музеј да биде валоризиран и категоризиран најмалку со вредност од последната категорија – значајно културно наследство. Но, тоа досега воопшто не било направено, а не пак во моментот на прогласување пред пет години кога го добил тој статус. Таа информираше дека во релација со Управата за заштита на културното наследство и Конзерваторски центар – Скопје, во процедура се преиспитувањето и бришењето на тој статус.

„Прекршени се и принципите за музејска дејност бидејќи концепцијата на поставката ја правеле универзитетски професори и историчари, а не музејски работници кои се компетентни и надлежни за музејска презентација. Навлегле во нешто што не претставува наука, туку импровизација затоа што описите на историските личности и сцени не произлегле од фотодокументација, туку од сугестиите на авторите на концепцијата на поставката. За некои нема никакви фотодокументи, а сепак некој одлучувал како ќе изгледа фигурата, колку ќе биде висок, колку тежок, каква брада ќе има или боја на очи. Се сведувало на импровизација“, вели Барџиева-Трајковска.

Работната група очекува нивниот елаборат и сите документи од Министерството за култура поврзани со овој музеј да бидат земени предвид од страна на Јавното обвинителство или од Специјалното јавно обвинителство каде што веќе се води предмет за овој музеј.

Ивана Настеска