Субвенциите во авиособраќајот на седница на Владата


Владата денеска на седница ќе расправа за информација во врска со потребата за донесување програма за определување средства потребни за доделување финансиска поддршка за поттикнување и развој на воздушниот сообраќај во Република Македонија на домашни и странски превозници за периодот од 2018-2021 година.

Воедно, на предлог на Министерството за транспорт и врски, треба да се разгледа и уредбата за начинот, поблиските критериуми за доделување на финансиската поддршка на домашни и странски авиопревозници и потребната документација која треба да се достави од корисниците на финансиската поддршка.

– На 69-тата седница на Владата на РМ ќе биде разгледан и посебниот извештај на Државната комисија за спречување на корупцијата за можните злоупотреби на буџетските средства, јавните фондови и средствата на јавни претпријатија и други правни лица што располагаат со државен капитал за изборен период – предвремени парламентарни избори 2016 година, кој доаѓа како предлог на Собранието на Република Македонија, најавува владината прес-служба.

На предлог на Министерството за економија, пак, ќе биде разгледaна информацијата во врска со статусот на реализација на договорите за концесија за вода за изградба на мали хидроелектрични централи склучени со Министерството.

На седницата треба да биде разгледана и информацијата од потребата за спроведување на повеќегодишна јавна набавка за избор на независна ревизорска куќа, за потребите на проектот „Рехабилитација на источниот дел од железничката пруга на коридор VIII, фаза 1 – делница Куманово – Бељаковце“, како и за јавна набавка за избор на независна ревизорска куќа, за потребите на проектот „Подобрување на железничка пруга Коридор 10″, финансирани по пат на заем од Европската банка за обнова и развој.

На дневен ред е и Годишниот извештај за примената на Законот за бесплатна правна помош, информацијата за спогодбата помеѓу Министерството за образование и вработување на Малта и Министерството за образование и наука на Македонија за заемно признавање на високообразовните степени, дипломи и сертификати, Предлог-програмата за изменување на програмата за превенција на кардиоваскуларни болести (КВБ) во РМ за 2018 година.

Собранието на Република Македонија на увид на министрите во владата ги доставило и годишните извештаи за работата на Македонската радио телевизија за 2017 година, и за работата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2017 година.

На владианата седница ќе биде разгледана и информацијата за реализација на кредитите и проектите од ЕБРД со гантограм и динамика на реализација, и за техничките и финансиските аспекти на имплементација на проектите на АД МЕПСО, како и извештајот за работата на Дирекцијата за Технолошко индустриски развојни зони за периодот од 1 јули до 31 декември 2017 година.