Студенти на неакредитирани факултети, професори со плагијати


Странски студенти студираат на приватен факултет во земјава што не е акредитиран и работи без дозвола од Министерството за образование и наука. Дел од нив студираат стоматологија, а во матичните книги на факултетот се запишани дека студираат психологија или на друг факултет, кој има акредитација. Запишувањето го направиле органите на факултетот, при што студентите се запишани во матичните книги на друг постоечки факултет. Оваа генерација на студенти уште не стигнала до диплома, а оние што разбрале за оваа состојба веќе се испишуваат од факултетите. Се пожалиле до Државниот просветен инспекторат, од каде што велат дека за ова ги информирале и нашето Министерство за надворешни работи и министерството на земјата од каде што се младите.

„Имавме претставки од странски студенти, па и од амбасада кои се жалела до МОН. Откриено е со заедничка акција на Основното јавно обвинителство, МВР, МОН и ДПИ дека студенти се запишани на факултет што сѐ уште не е акредитиран и нема дозвола за работа од МОН. Тоа е веќе кривично дело, злоупотреба од страна на одговорните лица на универзитетот, поради што ние имаме поднесено кривична пријава до Основното јавно обвинителство против тие лица за злоупотреба на службената должност. Тоа најпрво е казниво по закон и предвидена е казна до пет години затвор и до 100.000 евра за ректорот доколку запишува студенти, а нема дозвола за работа од МОН и е непостоечки факултет. Постапката тече во судските органи“, велат од Државниот просветен инспекторат.

Просветните инспектори констатирале исто така дека професори се унапредени во звања – и тоа на шест факултети на два јавни универзитети – за кои установите немале позитивен извештај од самоевалуацијата. Затоа ДПИ донел решение да се поништи изборот, односно да се повтори.

Од Инспекторатот објаснуваат дека позитивниот извештај значи дека секоја виоскообразовна установа во рамките на своето работење на секои три години треба да спроведува самоевалуација на работењето. Во тој контекст се оценува и работењето на секој наставник. Притоа, се даваат анкетни листови на студенти и тие ги оценуваат своите наставници. Од тие анкетни листови, кои се анонимни, најдобро се отсликува состојбата на вработениот наставно-научен и соработнички кадар.

„За да се унапредува наставник или соработник во натамошно звање мора да има позитивен извештај. Ако нема позитивен извештај, не може да биде избиран и не може да оди понатаму“, подвлекоа од ДПИ.

Поништен избор во наставно-научно звање има и поради спроведена постапка спротивна на Законот за високо образование. Направен е избор, иако наставници немале доволен број на трудови кои се предвидени согласно законската регулатива објавени во влијателни списанија.

На јавен универзитет, исто така, било констатирано дека кандидат кој добил повисоко звање користел труд, плагијат, од свој колега,а го прикажал пред рецензентската комисија како свој. Инспекторите барале од факултетот да се формира комисија од стручни лица која пак констатирала дека трудот е плагијат. Врз основа на тој извештај донесено било решение за поништување на неговото напредување. Поднесена е и кривична пријава до Основното јавно обвинителство против сторителот.

Околу 30 странски студенти, пак, запишани се на приватен универзитет без нострифицирани дипломи. За ваквата нерегуларност ДПИ дал решение за обезбедување на нострификации во определен законски рок за тие странски студенти на кое не е одговорено позитивно, не е постапено по решението, за што ДПИ покренал прекршочна пријава до Основниот суд против правното и одговорно лице, против универзитетот и против ректорот.

На еден јавен универзитет шест години траат речиси истите проблеми. Нема комплетна раководна структура на универзитетот, ректорот е избран спротивно на законот за високо образование, односно изборот е предвремен, поради што е донесено решение за поништување на изборот. Предвремен избор значи дека за пет години од доцент станал редовен професор.

„Потребни се 15 години да дојде до звањето, да биде директор на таа установа. Дополнително, таму немаат наставно-научни совети на факултетите, немаат декани на факултетите, а мора да имаат, провизорно се ставени в.д. декани. Не може 6 години универзитет да функционира со в.д. декани“, рекоа меѓу другото од ДПИ.

Професори од земјава кои предаваат на установата се жалеле до инспекторатот дека тие земале плата до 600 евра, а странските професори од 2.000 до 3.000 евра, односно дека немало еднаков пристап за сите. Инспекторите откриле и дека за странските професори нема никаква постапка за избори во звања, само склучувале договори.

На приватни и државни факултети забележани се и пропусти во водењето на матичната книга. Иако студентите се примени регуларно, направен е пропуст од страна на одговорното лице на факултетот кој ги води матичните книги и не е запишан. Констатирано е ангажирање на надворешен наставен кадар без согласност на матичните факултети, така што во последните неколку месеци такви случаи имало на три установи. Без таа согласност, професорите мораат да се повлечат. Ако не се спроведува решението од ДПИ, ќе има прекршочна пријава од инспекторатот.

Контролите просветните инспектори ги извршиле во академската 2016/2017 година и во првата половина од академската 2017/2018 година.

„При констатирање на вака ситуација согласно актуелниот закон за високо образование, ние можеме да донесеме решение за забрана за вршење на дејноста на оние установи што не ги исполнуваат условите согласно законот“, велат од ДПИ од каде што посочуваат дека оваа одредба е за поздравување.

Вероника Мароска-Леова