Струшките вечери на поезијата со третина помал буџет


Со буџет помал за триесет отсто од минатите изданија, фестивалот Струшки вечери на поезијата годинава одвај ќе го одржува нивото што веќе го има постигнато, а помалку добиените средства веројатно ќе се одразат на помала издавачка продукција или во прашање ќе биде организирањето на зимскиот поетски фестивал планиран за ноември.

Претседателката на Управниот одбор Елизабета Шелева денеска на прес-конференција рече дека од материјален карактер е причината што не вовеле нови програми на СВП. И годинава ќе ги има стандардните – поетски читања за отворањето и затворањето на фестивалот („Меридијани“ и „Мостови“), книжевниот портрет на венценосецот – поетот Адам Загајевски од Полска во црквата „Света Софија“ во Охрид, симпозиумот „Изгубено најдено во преводот“ во рамки на преведувачката работилница…

Директорот на СВП Мите Стефоски рече дека годинашниот буџет е ист како во 1999-та, а треба да се покријат трошоци како за 2018 година. За да ги задржат стандардите, покрај скратениот буџет од Министерството за култура, поддршка обезбедиле и преку соработка со странски институции и фондации, програмата на ЕУ „Креативна Европа“ и со спонзорства. Ако сакаме промени и модернизирање на фестивалот, рече тој, мора да се знае дека тие се поврзани со средства.

– Струшките вечери се на високо ниво и штета е ако на некој начин тоа биде загрозено. Наместо да се наоѓаат начини за развој на фестивалот, треба да се мисли како да се одржува нивото што веќе е постигнато – стандардите што во претходните години сме ги подигнале за третман на гостите и самиот начин на организација. Државата треба да води сметка никогаш да не падне нивото кое е веќе освоено. Недозволиво е да ги враќаме назад начините на организација на фестивалот наместо да ги унапредуваме. Незамисливо е во 21 век да не го покриете основниот надомест за авторски права на врвен поет кој настапува на вашиот фестивал, рече Стефоски на прес-конференција на која ја соопшти фестивалската програма.

Концепцијата за СВП 2018, кои ќе се одржуваат од 22-ри до 27 август, останува како и во минатите години – да се покануваат поети со различни поетики и соодветно да се претстават. Ќе ги има меѓу 70 и 80, вклучително и макеоднски. Фокусот е на нордиската поезија, но ќе биде претставена поезија од сите континенти. Изменет е концептот „Поезија на пат“, па наместо по завршување на фестивалот, ќе се одржува за неговото времетраење. Остануваат поетските читања во Охрид, Битола, Скопје и матинето на Матка, а првпат годинава ќе има и читање во Прилеп.

Меѓу изданијата што ќе бидат промовирани се тријазичен избор од поезијата на лауреатот на „Златен венец 2018“, Адам Загајевски, на три јазици, објава на поетската книга на Паули Тапио од Финска – добитник на наградата на СВП и УНЕСКО за најдобра дебитантска поетска книга, Антологија на современата кубанска поезија, наслови од едицијата „Плејади“.

Претседателката на УО на СВП Шелева рече дека чест и гордост е што оваа година венценосецот Адам Загајевски (1945) доаѓа од словенските литератури. Истакна дека тој создава поезија широкоприфатена и оценета како поезија по мерка на човекот, која се занимава со најдлабоки и најдраматични теми поврзани со човековата егзистенција – селидбеност, обескоренетост, невдоменост, егзил, прашања на смислата на постоењето.

– Интересно е тоа што тој го обединува во своето творештво и она што е филозофска запрашаност и она што би го нарекле ангажираност, во најубава смисла на хуманиззмот и зачувување на суштинската блискот до човекот, рече Шелева.

Од 1982 до 2002 година Загајевски живеел во егзил во Париз и затоа на годинашните СВП, покрај востановениот, ќе има уште еден симпозиум насловен „Писмото во егзил – егзилот во писмото“ и ќе учествуваат четворица поети чие творештво го имаат предзнакот на прогонство.

За време на шесте дена СВП, ќе биде соопштена и наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра стихозбирка меѓу две фестивалски изданија, ќе има содржини поврзани со поетската платформа „Версеполис“ поддржана од ЕУ. Една фестивалска вечер ќе биде омаж за тројца македонски автори кои починаа во изминатите осум месеци – академиците и книжевници Матеја Матевски (кој во 2011 беше лауреат на „Златниот венец“ на СВП) и Милан Ѓурчинов (во еден период претседател на Уметничкиот совет на СВП) и писателката Лилјана Дирјан (добитничка на наградата „Браќа Миладиновци“ и меѓу основачите на Независни писатели на Македонија).