Струмица се подготвува за карневалот


Со одржувањето на Детскиот маскенбал, утре со почеток во 18 часот, официјално почнуваат годинашниве карневалски празнувања во Струмица.

Во четврток е планирано да се одржат три настана. Треба да бидат објавени резултатите од конкурсот за најдобри литературни остварувања на тема карневал во организација на Библиотеката „Благој Јанков Мучето“ од Струмица. Ќе се отвори изложбата на фотографи од ланскиот карневал, а во вечерните часови учениците од Музичкото училиште „Боро Џони“ ќе го одржат својот традионален концерт под маски.

Свеченото отворање на „Струмичкиот карневал 2018“ е на 18 февруари со традиционалниот маскенбал во Хотелот „Сириус“. И годинава, традиционално на него се избираат принц и принцеза на Карневалот, кои заедно со кралската свита ќе ја предводат големата интернационална карневалска поворка на главната карневалска вечер.

В сабота е главниот настан на годинашниов карневал. Во 18, 30 часот ќе почне да се движи поворка од над две илјади маскирани учесници по улиците на Струмица, а завршните настапи групите од Македонија и странство ќе ги имаат на плоштадот „Гоце Делчев“ пред жири комисијата. Во 23 часот забавата продолжува на Плоштадот „Гоце Делчев“ со настап на забавувачи од островот Аруба, кои повеќе години настапуваат на Струмичкиот карневал.

Празникот Прочка, 18 февруари в недела, е резервиран за Детскиот карневал. Со почеток во 11 часот на градскиот плоштад најмладите ќе продефилираат во маските на нивните омилени јунаци од филмовите и бајките.

Карневалските празнувања ќе продолжат на Чист Понеделник, 19 февруари, со варење и консумирање на традицоналниот бел грав, а ќе бидат објавени и резулатите за најуспешните маски од интернационалната карневалска вечер.

Претпоследниот ден е резервиран за доделување на наградите од Интернационалната карневалска вечер и одржување на Тримерска карневалска вечер.

Карневалот завршува на 21 февруари со одбележување на Тримерските обичаи и со концерт на Ансамблот „Тримери“ од Струмица.