Стратегија на ЕУ: Резултати, па членство


Стратегијата на ЕК за Западен Балкан презентирана вчера во Стразбур ги потврди европерспективите на сите шест земји од регионот. Можност во 2025-та некои од нив да станат членки на ЕУ, постои, но услов за тоа е лидерите во регионот да преземат итни дејствија во контекст на спроведување одржливи реформи и да бидат решени билатералните спорови.

Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини на заедничката прес-конференција со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, на која беше презентирана Стратегијата, рече дека Западен Балкан географски е дел од Европската унија, дели иста историја и ќе делиме заедничка иднина во рамки на Европската унија.

– Стратегијата дава заеднички конкретни перспективи за ЕУ-интеграција на секој од шестте партнери, врз основа на заслуги и процеси кои се познати. Јасно е дека потребата од реформи постои за луѓето да ги имаат и уживаат истите права и стандарди како и жителите на ЕУ. Лидерите и луѓето на Балканот направија јасен избор за членство во ЕУ, секоја со свое темпо и време, но со јасна цел. Денеска ние го правиме истото, им кажуваме дека и нашиот избор е ист и перспективата е јасна, рече Могерини.

Посочи дека датумот 2025 година не е краен рок, туку цел и реална перспектива за затворање на целиот процес за сите кои имаат почнато и тие кои во блиска идина ќе ги почнат преговорите.

– Да го внесеме Западен Балкан во ЕУ не во некоја далечна иднина, туку нашата генерација. Следните месеци ќе бидат интензивни и амбициозни и се надевам дека следните месеци ќе ги паметиме како пресвртница и клучни за ЕУ. Бројот на членки не е врзан за бројот 27 и може да биде поголем, рече Могерини.

Според премиерот Зоран Заев, Стратегијата за проширување на ЕУ кон Западен Балкан е добра вест за нас. Во документот е констатирано дека Република Македонија направи значителен напредок на европскиот пат, а ЕК изразува подготвеност да даде препорака за почеток на преговорите за членство врз основа на исполнети услови.

Согласно оваа Стратегија, според Заев, Република Македонија се движи по вистинскиот пат. Уште едно дополнително признание од особено значење за граѓаните на Македонија, рече, е и ставот на ЕУ изразен во Стратегијата дека секоја држава може да напредува и да влезе во групата на предводнички на овој пат согласно нивниот реален напредок.

– Овој дополнителен поттик претставува голема надеж за Република Македонија. Ова е мотив повеќе да работиме и да ја стигнеме групата на држави кои веќе преговараат, тоа се Србија и Црна Гора и за кои постои детален временски план. За нас, за граѓаните на Република Македонија ова претставува потврда за успешноста на досегашните наши напори во сите реформски области кои ги започнавме, рече премиерот Заев на заедничката прес-конференција во Владата со евроамбасадороот Самуел Жбогар кој му го презентираше документот.

Тој додаде и дека Стратегијата во својот текст утврдува дека дефинитивни и обврзувачки решенија на сите билатерални спорови мора да бидат изнајдени и имплементирани пред државата да пристапи кон ЕУ.

– Владата на Република Македонија и досега, а и понатаму останува длабоко и искрено посветена да го даде својот придонес во мерките на градење доверба и за олеснување на процесот за решавање на проблемот што го има Република Грција со уставното име на нашата држава. Последните месеци се направени сериозни чекори за достоинствено решение на ова прашање, истакна Заев.

Евроамбасадорот Жбогар, пак, истакна дека Стратегијата на ЕК многу јасно зборува за иднината на Западен Балкан во ЕУ за што не постои никаква дилема. Постојат, рече, јасни стратегии кои што доаѓаат од оваа Стратегија, едната потекнува од ЕУ, а другата се однесува на земјите од Западен Балкан.

– За ЕУ стратегијата јасно зборува зошто е во интерес на Унијата да го има ЗБ во свое членство и тоа е една инвестиција, која зборува за иднината на ЕУ, за вмрежувањето во ЗБ и во ЕУ, значајните инвестиции во регионот. Трговската размена меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан изнесува 43 милјарди евра. ЕУ е најголем донатор во регионот. Од друга страна зборувајќи за Западен Балкан таа јасно зборува дека Балканот каков што е денес не е се уште подготвен за членство во ЕУ. Претстојат уште многу чекори, реформи кои што треба да се спроведат во регионот, но под услов лидерите во регионот да преземат итни дејствија, постои можност во 2025-та некои од нив да станат членки на ЕУ, рече Жбогар.