Странски лекари ќе прават неврохируршки операции кај нас


Mинистерството за здравство ќе ангажира неколку врвни странски лекари од медицински центри од Италија, Швајцарија, Германија, Турција, Србија и од други земји за заедно со нашите лекари да прават операции од областа на болестите на мозокот. Проектот ќе се спроведува во соработка со Клиниката за неврохирургија. Целта е поголема превенција бидејќи мозочниот удар и болестите на срце и на крвните садови се една од најчестите причини за смртност во Македонија.

„Еминентни медицински професионалци заедно со нашите лекари ќе изведуваат нови методи, техники и интервенции, како што се ендоваскуларната неврохирургија, спинална неврохирургија и ендоскопија на хипофиза. Во план е и континуирана едукација на македонскиот кадар од Универзитетската клиника за неврохирургија во странски медицински центри со која ќе обезбедиме стекнување на најнови знаења и примена на најсовремени техники на лекување“, е наведено во Програмата за превенција на кардиоваскуларни болести во Македонија за 2018 година.  За нејзино спроведување се одобрени 25 милиони денари.

Според оваа програма, државата ќе ги развива и кардиохирургијата за возрасни и детската кардиохирургија. Министерот за здравство Венко Филипче веќе најави дека Клиниката за детска хирургија ќе добие посебен оддел на Клиниката за кардиологија. Детската хирургија почна во 2013 година, под водство на д-р Владимир Чадиковски и менторство на странски лекари, при што досега се оперирани повеќе од 350 деца и бебиња.

Целта на Министерството за здравство е да се превенираат ризичните фактори, навреме да се препознаат кардиоваскуларните болести и да се намалат смртноста и инвалидитетот, како и да се подобри квалитетот на лекувањето во болниците и на клиниките.

Статистиката покажува дека само во Скопје, на околу 600 илјади жители, има по 10 до 15 мозочни удари дневно. Од срцев удар, пак, дневно умираат по четворица граѓани во Македонија. Околу 60 отсто од смртните случаи на годишно ниво се поради болести поврзани со срцето. И кај нас и во светот срцевите заболувања се најчеста причина за смрт. Според Светската здравствена организација, се проценува дека до 2030 година околу 23,6 милиони луѓе ќе починат од кардиоваскуларни болести.

С.С.З.