Сто метри им пресудија на Калина и Александар


Пензионерската тура на Кајмакчалан испадна рамна на хималајски услови, сведочат планинарите што успеаја да го преживеат саботниот кошмар на планината Ниџе, во кој животот го загубија Калина Велевска (27) и Александар Миновски (31), двајцата од Скопје. Спој на пропусти, лоша проценка, планинарска дрскост и несреќни околности влијаеле на трагичниот епилог што ја растажи земјата. Планинарите сведочат дека временските услови во саботата наутро биле исклучително лоши и тоа уште долу во скијачкиот центар Ворос во Грција, од каде што во 10 часот било закажано тргнувањето кон врвот Кајмакчалан. Згора на тоа, дел од педесетчлената екипа од Скопје воопшто не била комплетно опремена за зимско планинарење. Виулици снег и магла, разорен ветер… Како-така, експедицијата успешно се движела до куќарката на крајот од ски-лифтот каде што завршила маркацијата. Во групата имало тројца водичи, меѓу кои и Калина, која неодамна го добила потребниот сертификат.

Иако се движевме во колона, некои напредуваа побрзо, а некои побавно, во зависност од физичката и психичката подготвеност. Снег боцкаше по лицето. Калина, која одеше на крајот од групата како трет водич, постојано им довикуваше на последните да побрзаат. Си повторувавме дали вреди да се оди нагоре, бидејќи ништо не се гледаше, а требаше да се мисли и за враќање. Стигнавме на околу 100 метри од врвот. Бевме среќни. Тие што беа меѓу првите во групата, веќе се имаа искачено на врвот и почнаа да се симнуваат. Тогаш се појави водичот Зоран Костадинов и повика итно да се враќаме назад бидејќи горе било страшно. На многумина ни беше криво што не успеавме да се искачиме на врвот, а стигнавме толку блиску до него, но, сепак, одлучивме да ја прифатиме наредбата. Тогаш, ја видовме Калина како со уште три момчиња се договара нешто, стоеја настрана. Ветерот беше сѐ посилен, не можевме ниту да се слушнеме, а од маглата не се гледаше подалеку од два-три метри. Страшна грешка, иако на почетокот си помисливме дека и ние треба да продолжиме нагоре“, сведочат планинарите.

Колоната тргнала надолу, а четворица што се издвоиле – нагоре. Некаде пред врвот, кај црквата, двајца од нив (момчето на Калина и уште еден планинар), сепак се вратиле назад, а Калина и Александар исчезнале во маглата.

Едвај стигнавме до ски-лифтот. Забележавме дека Зоран го нема и помисливме оти се вратил по нив. Сфативме дека немаат ГПС-уред со себе. Ги предупредивме луѓето што работеа во ски-центарот и тие веднаш со ратраци тргнаа нагоре. Беа поминати два часа откако се разделивме на врвот. Им ѕвоневме на Калина и на Александар, но немаа сигнал. Ги добивме околу 16 часот и тогаш Калина ни рече дека се засолниле во карпа. Повеќе никој не дигаше телефон, дури ни водичот што тргна заедно со грчките спасители“, велат очајните планинари.

Погребот на загинатите скопјани ќе биде извршен кон крајот на работната недела, за кога се очекува да бидат соопштени и официјалните резултати од истрагата. Од планинарскиот клуб „Трансверзалец“, кој ја организираше турата, веќе трет ден одбиваат да зборуваат за настанот, а се огласија единствено на својата страница на Фејсбук, каде што апелираат до планинарите да се воздржат од коментари за хоророт на Ниџе.

Мислам дека ако некој требало да се воздржува, тоа сте биле вие, организаторите, поискусните водичи, некој… да сте се воздржале од тргнување кон врвот. За воздржување сега е доцна! Ако се немало разум тогаш, сега на оваа тага уште помалку го има“, реагираат нивните следбеници на социјалните мрежи.

Горан Адамовски

Бројот на водичите бил под стандардите

Поискусните планинарски водичи што ги консултиравме објаснуваат дека постојат точно определен број процедури колку водичи треба да има на определен број планинари, искусни или неискусни, во лето или во зима… Тројца водичи на педесетина луѓе е далеку од просекот. Конкретно, на Кајмакчалан во саботата, при тие услови, требало да има најмалку десет водичи. Зоран Костадинов важел за еден од поистакнатите во својата работа, но тој имал лиценца од категоријата А1, односно за планинарење по лесни патеки во летни услови, каква што добила и Калина.

Задача на водичот е пред сѐ да биде подготвен за теренот. Најпрво, тој им објаснува на планинарите што се обврските за таа тура, да внимава дали и колку го слушаат или, пак, се лежерни и несериозни. Пред почетокот на искачувањето им ја проверува опремата. Лично тој треба да има соодветна облека, цепин, дерези и шлем, јажиња, карабинери, кутија со прва помош, средства за ориентација: ГПС и компас дури и да е најсветол ден. Планинарите треба да се облечени во облека за заштита од ветер и снег, стапчиња, храна за повеќе дена и „железна резерва“: конзерви, јаткасти плодови, суво овошје… Водичот одлучува дали ќе се тргне со искачување и кога ќе се запре со искачувањето доколку условите не се добри. Одлуката на водичот е извршна и тука нема демократија, бидејќи претпоставка е дека водичот располага со еден куп информации што планинарот не ги знае, имајќи предвид дека учиме дури и метеорологија. Доколку некој откаже послушност, тогаш задача на водичот е да го предупреди лично, потоа пред целата група, а ако е во можност да побара и да добие писмена изјава од планинарот. Од друга страна, доколку некој од планинарите од која било причина не сака да продолжи со искачувањето, иако водичот не го побарал тоа од него, организаторот е должен да испрати водич да се врати назад“, објаснуваат професионалните водичи.