„Стоп за извршителите“ повика на протестен марш на 1 Мај


„На 1 Мај ги повикуваме тие што се сега блокирани и тие што биле блокирани и заради тоа биле многу онеправдани, ги повикуваме сите вработени кои одвојуваат една третина од платата, тешко спечалена и мала, ги повикуваме сите пензионери, кои исто така одвојуваат по една третина од малите пензии за извршителите, за виртуелни долгови кои им се додадени на нивните сметки, ги повикуваме тие што плаќаат заостанати долгови од пред 20 години, спротивно на сите закони, сите кои се дискриминирани и осиромашени, кои едвај врзуваат крај со крај, да дојдат на Протестен марш на 1 Мај, во 11 часот, на просторот меѓу Основен суд 1 и Македонска телевизија. Ќе поминеме покрај Собрание, покрај Министерство за правда и ќе завршиме пред Владата на РМ“, рече денес Ана Глигорова од иницијативата „Стоп за извршителите“.

Неколкуте здруженија кои стојат зад иницијативата не се задоволни од предлог-законот за извршување. Тие бараат итно одблокирање на сите блокирани сметки на граѓаните и ревизија на работењето на судовите, банките, извршителите и нотарите.

„ Ни се случува социјален геноцид. Бараме извршителите и нотарите да се вратат во рамките на судот, а не да се богата врз грбот на нејакиот народ“, кажа Глигорова.