Стопанска комора: Компаниите да се пробиваат на пазарот со конкурентност и продуктивност


Стопанската комора на Македонија вечерва преку соопштение излезе со оценка дека влијанието на политиката и политичките случувања во изминатите години врз економијата во земјата било големо и смета дека компаниите треба да се остават да се пробиваат на пазарот единствено врз основа на квалитетот и конкурентноста на цените на нивните производи. Бизнис-заедницата во изминатите години констатира дека влијанието на политиката е големо и политичките случувања и одлуки оставаат големи траги врз и онака кревката македонска економија. Постигнатиот економски раст, со неговата структура, односно со структурните дисбаланси кои ги има, не ги обезбедува основните претпоставки за забрзан и стабилен одржлив развој. Едни од главните причини за ова се негативната просечна годишна стапка на БДП во изминатите три децении и трендот на деиндустријализација на економијата кој се бележи во истиот период, односно промената на пазарната состојба од производствена кон услужна дејност изразена преку процентуалното учество во БДП, наведуваат од Стопанската комора на Македонија.

Поради наведените причини, како што посочуваат, потребно е да се остави простор приватниот сектор во Република Македонија да се развива преку континуирано унапредување на својата конкурентност, продуктивност и иновативност.

„При тоа, неопходно е компаниите да се пробиваат на пазарот единствено врз основа на квалитетот на нивните производи и конкурентноста на понудените цени – сите претпоставки и шпекулации во спротивна насока можат да предизвикаат сериозни штетни последици за конкурентноста на македонската економија на глобалните пазари. Македонската економија се стреми кон остварување на добрите европски практики и интегрирање на слободниот пазар, и истото може да биде направено единствено доколку се создадат реални услови приватниот сектор да работи независно од дневно-политичките случувања“, оценуваат од оваа комора.

Истовремено, Стопанската комора на Македонија укажува на потребата за доследно почитување на законската регулатива во насока на оневозможување на какви било сомнителни ситуации, и на потребата доколку постојат сомневања, истите да се изнесуваат пред надлежните државни органи, со цел да бидат спроведени сите потребни дејствија во насока на нивно расчистување, без да се обременува јавноста, а и работењето на целиот приватен сектор.