Стопанската комора на Македонија работи на освојување на пазарот во Саудиска Арабија


Прехранбената, хемиската и фармацевтската индустрија ќе го пробиваат пазарот во Саудиска Арабија. Стопанската комора на Македонија која подолг период интензивно работи во овoj сегмент, најавува наскоро отворање претставништва во Кувајт, Ирак и Оман.

Како што изјави денеска претседателот на Комората Бранко Азески пред средбата со делегацијата бизнисмени од Саудиска Арабија, за освојување на пазарот на Блискиот Исток ќе се форсираат директни средби со бизнисмени, учества на саеми и размена на информации.

– Нашата тенденција е да ги отвориме пазарите на Блискиот Исток и посебно на Заливот. Работиме долго време на тоа, а Саудиска Арабија би била значаен партнер особено ако се земе предвид дека размената е многу ниска, околу 10,7 милиони долари, и има простор за нејзино унапредување, рече Азески.

Според него, постојат големи можности и веќе се детектира правецот во кој тие треба да се движат.

– Три дена ги разгледуваме можностите за инвестирање во Македонија. Многу сме задоволни од пријателската средина и луѓето. Се надеваме на конкретна иницијатива за градење мостови меѓу деловните заедници од двете земји, нагласи почесниот конзул на Македонија во Саудиска Арабија Абдула Ал Нувајсер.

Делегацијата арапски бизнисмени претпладнето беше примена и од премиерот Зоран заев и претседателот на Собранието Талат Џафери.