Столтенберг: Протоколот за НАТО би можел да се потпише пред изборите в година


Атина – Мислам дека можеме да го завршиме процесот на ратификација и да го потпишеме протоколот за интеграција на ПЈРМ во НАТО пред изборите, во првата половина на следната година, вели генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во интервју за грчкиот весник „Катимерини“. Тој додава дека се зависи од тоа кога кај нас ќе финализираат уставните промени, но при посетата на Скопје му било посочено дека ова може да се заврши на почетокот на 2019, а веднаш потоа може да се потпише и протоколот за членство.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, генералниот секретар на НАТО во интервјуто за „Катимерини“ испраќа порака дека и Скопје и Атина треба да ги исполнат обврските што произлегуваат од договорот од Преспа, дека не постои начин за влез во НАТО без договор за името, но говори и за впечатоците и искуството од посетата на Скопје.

– Важно е да не постои илузија дека може да кажат „не“ за договорот и „да“ за НАТО. За некои во ПЈРМ ова би било добро решение, но ова решение не постои. Бев многу јасен во однос на ова. Треба да се избегне веројатно недоразбирање дека постои пат кон НАТО без решение на името. Еден договор, беше е и ќе биде предуслов за интеграција во НАТО, вели Столтенберг во интервјуто.

Тој вели дека е сигурен дека и Грција ќе ги исполни нејзините обврски од договорот, а не гледа зошто не би го сторила тоа, кога уште во „2008 јасно ја изрази поддршката за интеграција на ПЈРМ во НАТО кога ќе се реши името“.

Прашан за посетата кај нас, Столтенберг за „Катимерини“ детално ги објаснува активностите во Скопје, вели дека климата била многу добра, додека во однос на договорот од Преспа вели дека е компромис, а компромисите секогаш се болни, но од друга страна „алтернативата за соживот со еден спор за името што ја блокира земјата од меѓународната заедница е лоша за сите“.