Столтенберг: Не смееме да дозволиме каков било судир на Западен Балкан


Апелираме до сите страни во Западен Балкан да направат сѐ што е во нивна моќ за намалување на тензиите, избегнување на потпалувачка реторика и спречување нови вооружени судири во регионот, изјави денеска генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

– Главната одговорност пред сѐ е на земјите во регионот, но и на НАТО, да помогне во избегнување на каков било судир на Западен Балкан – изјави генералниот секретар на НАТО коментирајќи ја актуелната безбедносна ситуација во регионот.

Столтенберг нагласи дека НАТО игра важна улога на Балканот со децении, дека Алијансата придонела за „ставање крај на две етнички војни“, како и дека нејзиното прво големо ангажирање надвор од својата територија беше токму на Балакнот – во Босна и Херцеговина, а потоа во Косово.

Јенс Столтенберг

– Сѐ уште имаме значително присуство на Балканот, тука е нашата мисија КФОР во Косово – наведе тој додавајќи дека Алијансата е присутна и во Скопје и во Сараево, како и во земјите од регионот кои сега се членки на НАТО – Словенија, Хрватска и Црна Гора.

Столтенберг посочи дека НАТО соработува со сите партнерите од регионот.