Столтенберг и Могерини остро ги осудија нападите на Нов Зеланд


Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини, во име на ЕУ денеска остро ги осудија нападите во двете џамии на Нов Зеланд, при кои, според последните податоци, загинаа 49 лица.
– НАТО стои зад нашите пријатели и партнери од Нов Зеланд во одбраната на отвореното општество и заштитата на заедничките вредности, порача Столтенберг на Твитер.
Првиот човек на НАТО изрази сочувство и поддршка до семејствата и пријателите на загинатите и повредните во терористичките напади, што се случија во новозеландскиот град Крајстчрч.
-ЕУ изразува искрено сочувство до семејствата и пријателите на жртвите на двата терористички напада што се случија денеска во Крајастчрч, Нов Зеланд. Целосно сме обединети со граѓаните и властите на Нов Зеланд во ова исклучително тешко време и ние сме подготвени да ги поддржиме на кој било начин, вклучувајќи и зајакнување на нашата соработка во борбата против тероризмот, рече Могерини.
Таа оцени дека нападите врз верски места се, всушност, напади врз оние што ја ценат различноста и слободата на религијата и изразувањето.
-Таквите дела ја зајакнуваат нашата одлучност заедно со целата меѓународна заедница да ги решиме глобалните предизвици на тероризмот, екстремизмот и омразата, заклучи Могерини.