Столтенберг им ја честиташе Новата година на силите на НАТО


Белгија – Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг упати видео порака до припадниците на силите на Алијанста по повод Нова година, во која оценува дека Северноатлантскиот пакт е „во добра форма“.

– Ние сме во добра форма. Вашиот професионализам, посветеност и дух на солидарност ја прават силна нашата Алијанса. Заедно ќе продолжиме да се прилагодуваме на непредвидливиот свет, да го чуваме мирот и да ја штитиме безбедноста на нашите граѓани, како што го правевме тоа изминативе децении, наведува Столтенберг во пораката.

Тој истакнува дека годинава имал чест да се сретне со голем број припадници на силите на НАТО, кои дошле од „сите краеви на Европа и од преку Атлантикот“.

– Секојдневно Вие служите под истото знаме на НАТО во Авганистан, во Ирак, во Косово. Вашето видливо присуство на копно, во воздух и на море од регионот на Балтикот до Медитеранот, покажува дека НАТО е подготвен да ги брани сојузниците од која било закана и во кое било време, додава Столтенберг.

Тој на крајот на пораката на сите припадници на силите на Алијансата им се заблагодарува за „целокупната одлична работа што ја завршиле“ и им посакува „среќна и мирна Нова година“.