Столтенберг за „Независен весник“: Голем чекор кон посветла иднина


Оваа недела, вашата земја беше поканета да започне пристапни разговори за да стане 30. членка на НАТО aлијансата. Ова е голем чекор кон светла иднина и ја отвора вратата за поголем просперитет и безбедност за вас и за пошироко за Западен Балкан.

Повторно покажавте храброст да го градите својот пат кон мир, безбедност и независност, без разлика колку е тешко или каков предизвик и да е тоа. Во 2001 година, вие и вашите политички лидери покажавте дека постои алтернатива на балканскиот образец за војна и уништување. Со поддршка на НАТО и на меѓународната заедница, вклучително и преку имплементација на Охридскиот договор, го избравте националното единство над националната пропаст.

Оттогаш работевте неуморно за да ги разрешите споровите и да градите мостови со соседите, вклучувајќи го и Договорот за пријателство со Бугарија. Историскиот договор со Грција за прашањето за името сега ја отвори  можноста за напредок кон трансатлантската интеграција, вклучително и кон полноправното членство во НАТО.

Членството во НАТО ќе ѝ даде на вашата земја еднаков глас во нашите дискусии, еднаков глас во нашите одлуки и во безбедноста што доаѓа со станувањето дел од  најуспешниот воен сојуз на светот. Тоа значи да имате со вас дваесет и девет други земји кои се обврзаа да ве заштитат и да ве бранат вас и вашиот национален суверенитет од  секој агресор.

НАТО е посветено на вас и на вашата иднина, а вашата земја, исто така, се покажа како добар пријател на алијансата. Давате основна логистичка поддршка на нашите војници во Косово. И многу години храбрите мажи и жени од вашите вооружени сили помагаа да се донесат мир и безбедност во Авганистан. Можете да бидете многу горди на нив.

Членството во НАТО, исто така, значи и натамошна поддршка за вашите реформски напори додека се зацврстувате во рамките на евроатлантското семејство. Направивте значаен напредок во клучните реформи, како што се судските реформи и политичкиот надзор и одговорноста на разузнавачките и безбедносните служби. Сè уште има работа што треба да се направи, вклучително и изборните реформи, слободата на медиумите и борбата против организираниот криминал и корупцијата. НАТО ќе биде со вас на секој чекор од патот. На пример, со практична поддршка за реформите во одбраната, со цел да се подобрат одбранбеното образование и инвестициите, како и да се зголеми транспарентноста во одбранбениот сектор.

НАТО е длабоко поврзан со земјите од вашиот регион и со неговата постојана стабилност. Албанија, Бугарија, Хрватска, Црна Гора и Словенија се приклучија кон НАТО, Србија и Босна и Херцеговина се блиски и вредни партнери, а нашите сили на НАТО во Косово продолжуваат да ги одржуваат мирот и стабилноста.

Лидерите на НАТО сега ја поканија вашата земја да започне пристапни разговори. Додека тие се во тек, мора да ги завршите националните процедури за спроведување на договорот за името. Потоа кога овие чекори ќе бидат завршени, сојузниците на НАТО ќе треба да го ратификуваат вашето пристапување. Се надевам дека наскоро ќе го видите вашето знаме како се вее во седиштето на НАТО како 30.  членка на алијансата.

Ова е можност што се добива еднаш во животот. Вашата иднина е во ваши раце.

(Јенс Столтенберг е генерален секретар на НАТО)