Стипендии ќе добијат најдобрите ученици во средните училишта


Владата на денешната седница согласно одлуката за утврдување на бројот на стипендистите и висината на стипендиите за ученици запишани во средните училишта за учебната 2018/2019, донесе одлука 100 талентирани ученици и 80 талентирани ученици – спортисти ќе добиваат стипендија во висина од 2.970 денари.
Покрај тоа, сто ученици со посебни потреби и 50 ученици – деца без родители ќе добијат стипендија од 2.750 денар, а 400-тини ученици ќе добијат стипендија за социјална поддршка од 2.200 денари. Стипендии се предвидени и за учениците Роми, информираат од владината прес-служба.
Владата исто така, донесе одлука за доделување на 50 стипендии на странски државјани од интерес на Република Македонија, односно за студенти со македонско потекло кои живеат во државите на Балканскиот полуостров.
Стипендии ќе добијат студентите кои ќе се запишат како редовни студенти на државните универзитети: „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, „Св. Климент Охридски“ – Битола, „Гоце Делчев“ – Штип, Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ – Охрид, „Мајка Тереза“ – Скопје и Универзитетот во Тетово во студиската 2018/2019 година.