„Стил темпл“ е првиот македонски метал-бенд со винил издание


Македонскиот метал-бенд „Стил Темпл“ е првиот бенд кај нас кој од тој музички жанр реализира винилно издание. Станува збор за албумот „Nobody’s Slaves“, кој беше издаден во 2016 година. Тој содржи девет песни и е во издание на српската издавачка куќа „Мајнор рекордс“. Винил-изданието на овој албум е издадено во април годинава, со поддршка на издавачката куќа и Фондацијата „Вакен“. Промоција се одржа и во рамките на конвенцијата „Скопје винил“, која се случуваше викендов во Младинскиот културен центар во Скопје.

– Ова е прв целосен албум издаден на винил од страна на македонски метал-бенд. Многу е жално што тоа се случува дури во 2018 година бидејќи првиот македонски метал-бенд е создаден на крајот на 70-тите години и почетокот на 80-тите, тоа е „Карамела“ од Скопје. Иако снимиле речиси цел албум во МТВ, го немаат издадено. Потоа, во 1987 година, се појавува групата „Санаториум“ која издава албум само на касета. Тука се и велешаните од „Струјно коло“, кои први издаваат метал-албум на касета. Досега метал-албуми на македонски бендови се издаваат само на цедиња – вели Урош Вељковиќ, тапанар на „Стил Темпл“.

На прашањето зошто баш сега се одлучија на ваков чекор, бидејќи бендот постои подолго време, Вељковиќ вели дека идејата дошла спонтано бидејќи и винилите се враќаат во мода.

– Мене вообичаено ме нервираат трендови, но јас собирам дома плочи уште кога не беше тренд. Ми останаа од татко ми голем број плочи и јас само го продолжив тоа купувајќи на старо уште пред 10 или 15 години кога навистина тоа не беше модерно. Истата ситуација е и кај останатите членови од бендот, но и други металци што ги знам, тоа им е пасија. Не е дека кај металците се враќа трендот на собирање плочи, туку кај металците тоа никогаш не било изгубено – вели Вељковиќ.

Според него, иако има малку металци во земјава, сепак, има интерес и за нивниот албум, особено за винил-изданието.
– Имавме веќе порачани плочи уште пред да излезе официјално. Дел продадовме и тука, но и издавачката куќа што го издаде албумот, „Мајнор рекордс“, си подигна одреден број плочи што треба да ги дистрибуира низ светот, па генерално половина од тиражот е продаден – вели Вељковиќ.
Метал-бендот „Стил темпл“ е формиран уште во 2002 година. Сегашната постава ја сочинуваат Филип Филиповски (вокал), Дениз Адил (гитара), Дарко Поповски – Блуз (клавијатури), Маријан Петровски (бас) и Урош Вељковиќ (тапани).


Конвенцијата „Скопје винил“ викендов по вторпат се одржа во Младинскиот културен центар.
Дводневното дружење имаше за цел да ги собере на едно место сите љубители на винил, меѓу кои и продавачи на плочи, диџеите, музичарите, колекционерите. Годинава настапија околу 40 диџеи со сетови од сите музички жанрови.
Како што најавија организаторите Чваре и диџеј Гоце САФ, ќе се потрудат секое наредно издание да биде подобро од претходните.

Ивана Настеска