Стигна дрвото што ќе го замени Ќосето


Градските власти го купиле дрвото гинко кое треба да се засади на местото од каде што беше отстранет споменикот на Андон Јанев-Ќосето, но ќе го засадат дури на 5 мај. Всушност, веќе се купени три дрвја од истиот вид, а уште 50 се во процедура за набавка. Значи ли тоа дека во брзо време ќе се урнат уште неколку споменици, па Градот набавува повеќе дрвја гинко?. „Не спинувајте“, ни рекоа од Град Скопје. Ни кажаа дека на местото на кое до неодамна се наоѓаше споменикот на Ќосето, гинкото ќе се засади на 5 мај, кога се очекува Град Скопје да го посети делегација од збратимениот Нирнберг.

„Сѐ е подготвено, само се чека делегацијата од Нирнберг која ќе ја донесе плочката, која всушност ќе биде нивна донација и ќе стои на дрвото“, дополнија градските власти. На плочката ќе биде испишан текстот од членот 10 од Декларацијата за човекови права на Обединетите нации кој гласи: „Секој има целосно еднакво право на праведно и јавно судење пред независен и непристрасен суд, при одредувањето на неговите права и обврски и во услови на какво и да е кривично обвинение против него“.

Град Скопје, како што напомена градоначалникот Петре Шилегов, не случајно одлучи на местото да се засади токму дрво гинко, кое симболизира истрајност, отпорност, има голема симболика и ќе биде посветено на човековите права.

Дрвото е листопадно, потекнува од пред 225 милиони години, а во леденото време успеало да преживее само во Кина. Се одликува со голема отпорност на екстремни услови (отрови, загадувачи, радијација, инсекти итн.). Дрвото може да расте и до 40 метри со густо разгранета крошна во пирамидален облик. Лисјата се со многу интересен и специфичен облик и претставуваат главна препознатлива карактеристика на ова дрво. Тоа е едно од најистражуваните дрвја во светот со голем број научни трудови за него. Големиот интерес за гинкото произлегува оттаму што му се припишуваат голем број лековити својства. Цената на едно дрво изнесува околу 5.000 денари, во зависност од староста и висината на истото.

Деспина Трајковска-Димова