Стечајниот управник на „Фени“ преку оглас бара понуди за преработка на руда


Стечајниот управник на „Фени” Мирослав Анастасиевски преку оглас бара понуди за преработка на никелова руда. Огласот, како што самиот информираше, бил објавен во земјава и странство, врз основа на одлука на Одборот на доверители, како и фактот дека „Фени индустри” АД Кавадарци располага со машини и работници за преработка, но и соодветни дозволи.

– Всушност за „Фени” да не стои така додека се расчистува стечајот се бара некој што има достапност до руда, за да се преработи таа руда и да не се губи време, бидејќи законот за стечај е таков, додека не се направи план за реорганизација. Работниците и сега се ангажирани додека се одржува технолошки минимум, се прават ремонти и се подмачкуваат машини, никој не е отпуштен од работа. сакаме да го држиме комбинатот во кондиција, вели тој.

Фени оглас стечаен управник

Со огласот се повикуваат домашни и странски правни лица, кои треба да докажат дека исполнуваат одредени услови. Да имаат обезбедено пристап до никелова руда и можност за континуирана испорака на најмалку 100.000 тони месечно, за временски период од најмалку шест месеци, како и претходно искуство во управување или друг вид на соработка во преработка на руда. Тековно да поседуваат или управуваат со капацитети за преработка на руда, како и да поседуваат финансиски капацитет и експертиза за успешно управување и мониторирање на менаџментот на процесот на преработка на руда.

Како гаранција за исполнување на сите обврски по основ на договорот за преработка на руда, заинтересираните треба да имаат депонирано на сметка во било која банка во земјава износ од 3.000.000 евра. Заедно со понудата да достават корпоративна гаранција во минимален износ од 5.000.000 евра, која ќе гласи на стечајниот должник.

Потребно е исто така да се покаже спремност да се врши авансно плаќање на месечен надомест заради покривање на сите трошоци на производството во кои влегуваат трошоците за струја, мазут, плати, придонеси, давачки за вработени и други оперативни трошоци, најмалку 1.100.000 евра месечно, како и дополнителен износ од најмалку 100.000 евра без ДДВ месечно, над износот на трошоците. Крајниот износ на надоместокот ќе биде утврден во договорот, во зависност од количините на преработената руда.

Заинтересираните треба да достават и доказ дека против нив не е поведена стечајна постапка или ликвидација, како и дека не им е изречена кривична или друга санкција. Договорот ќе биде склучен со понудувач или со правно лице основано во државава од страна на понудувачот.