Стево Пендаровски и официјално е претседателски кандидат на СДСМ


Стево Пендаровски ќе биде заедничкиот кандидат на владината коалиција за изборите за претседател на државата.

Раководството на СДСМ вечерва зазела дефинитивен став  да го предложи Пендаровски за претседателски кандидат. Веднаш по состанокот, лидерот на СДСМ Зоран Заев замина во скопски хотел, каде го очекуваат лидерите од коалицијата предводена од СДСМ на дополнителни консултации.

На огласот што го распиша СДСМ беа пријавени 24 кандидати, а фаворити беа и Оливер Спасовски, Радмила Шекеринска, Никола Димитров, Ѓорѓи Филипов и Имер Селмани.

Стево Пендаровски се очекува да добие поддршка и од ДПА на Мендух Тачи и Алтернатива на Африм Гаши, кои се дел од владејачкото мнозинство.

Досега се познати и имињата на двајца претседателски кандидати од опозицијата. ВМРО-ДПМНЕ гласаше за Гордана Силјановска-Давкова, додека Алијансата на Албанците на Зијадин Села и Беса на Биљал Касами му даваат поддршка на третиот професор во изборната трка: Блерим Река.

Првиот изборен круг за шестите претседателски избори е закажан за 21 април, а вториот ќе се одржи на 5 мај.