Стационарот Вардариште е дивоградба, затоа доцни реконструкцијата


Градските власти сѐ уште не почнале да го реконструираат стационарот Вардариште оти објектот бил дивоградба. Вака денеска пред Советот на Град Скопје се правдаше градоначалникот Петре Шилегов на обвинувањата на опозицијата дека и покрај ветувањата, откако е дојден на власт, не мрднал со прст да го реши проблемот со уличните кучиња. Шилегов истакна дека бил запрепастен кога од наследената документација службите заклучиле дека стационарот е дивоградба.

„Не можевме веднаш да почнеме да го реализираме концептот, бидејќи Град Скопје го изградил стационарот во форма на дивоградба. Тоа го констатиравме откако го изготвивме извештајот и кога Градот во буџетот предвиде 100.000 евра за реновирање. Веднаш започнавме со легализација на објектот, односно во координација сме со Општина Гази Баба да ја добиеме потребната документација и да продолжиме со планираното“, истакна Шилегов. Како доказ дека работат и на посочениот терен, укажа дека во меѓувреме Градот го отстранил т.н. тенеќе пазар во близина на Вардариште.

Градоначалникот повтори дека Градот планира со предвидените 100.000 евра да го догради објектот, да ги подобри хигиенските услови во него, да постави термичка изолација, систем за греење и ладење, да ги одвои и опреми боксовите за кучињата со легла, а не како сега тие да лежат на бетон…Во рамки на реконструкцијата и осовременување на стационарот, предвидено е поставување на видео надзор, набавка на нова опрема за заловување, изработка на регистер кој ќе биде јавно достапен за секое животно кое ќе биде донесено на Вардариште.

„Ќе повторам, молам за разбирање. Факт е дека проблем со кучињата скитници постои, но моја идеја и намера е прво објектот да се легалиизра, па да продолжиме со предвиденото. И да потсетам, кучињата не се накотија во овие 110 дена откако сум јас градоначалник. Ескалацијата се должи на немањето на стратегија при нивното згрижување во изминатиот период“, одговори Шилегов. (Д.Т.Д.)