„Старата гарда“ на ВМРО-ДПМНЕ исклучена од дискусијата за интерпелацијата


Дел од поранешните високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ не се пријавени за дискусија на собраниската седница за доверба на Владата која е во тек.

Според наши информации, на списокот на говорници од ВМРО-ДПМНЕ што утрото му бил доставен на спикерот Талат Џафери ги нема имињата на поранешниот претседател на парламентот Трајко Вељаноски, на екскоординаторот на пратеничката група Илија Димовски и на поранешниот потпретседател на Собранието Антонио Милошоски, кои, инаку, беа дел од групата која бараше одложување на партискиот конгрес во Валандово, кога Христијан Мицкоски беше избран за лидер.

Сепак, останува отворена можноста пратениците кои не се пријавени за дискусија да се јават за реплика, иако досега тоа не го стори ниту еден од нив.

За дискусија на денешната седница, според нашите информации, не се пријавени ниту поранешните премиер и министер за надворешни работи Емил Димитриев и Никола Попоски. Не се очекува да дискутира ниту поранешниот партиски лидер Никола Груевски, кој не успеа вчера да издејствува одложување на судското рочиште за случајот „Тенк“ за да може да присуствува на седницата.

Во овој момент, во опозициската редица во парламентот има едвај десетина пратеници на ВМРО – ДПМНЕ, а главни говорници досега, покрај координаторот Драган Данев, беа пратениците Даниела Рангеловска, Владимир Ѓорчев и новиот пратеник Горан Манојловски. (А.М.М.)