Српската опозиција бара смена на власта и избори, блокирани се влезовите во Претседателството


Лидерите на Сојузот за Србија, чии приврзаници денеска ги блокираа сите влезови на зградата на Претседателството, побараа заминување на актуелната власт, итно разрешување на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, премиерот Ана Брнабиќ,   претседателот на Собранието, Маја Гојковиќ и одржување слободни избори на сите нивоа.

Демонстрантите ги блокираа сите влезови во зградата на Претседателството, а организаторите на протестите најавија дека на претседателот нема да му дозволат да ја напушти зградата.

Како што велат тие, не им било дозволено да постават во 12 часот камион пред Претседателството за да следат во живо обраќање на Вучиќ.

Лидерите на Сојузот за Србија и организаторите на протестот „1 од 5 милиони ” повикаа насобраните граѓани да направат обрач околу Претседателството за да следат на кој излез претседателот Александар Вучиќ ќе се обиде да ја напушти зградата.

Обрадовиќ побара од РТС, организаторите на протестите „1 од 5 милиони“ вечерва да се појават во вечерните вести, додавајќи дека граѓаните нема да го напуштат тоа место и ќе продолжат да ги блокираат сите влезови во Претседателството.