Средните училишта ќе добијат нови фасади


Еден милион евра што биле наменети за барокни фасади од проектот „Скопје 2014“ се пренаменија за реконструкција на 11 средни училишта во главниот град. Училиштата, од кои дел се стари и над пет децении, ќе добијат нови енергетски ефикасни фасади, покриви и подови,а ќе се изградат и нови тоалети за децата со посебни потреби.

За дел од школите, според градоначалникот Петре Шилегов, ова е преодно решение, за да се обезбедат пристојни услови за децата и наставниците. Тој вчера го посети средното училиште „Кочо Рацин“ во општината Ѓорче Петров. Тоа е монтажен објект, направен една година по скопскиот земјотрес. Се наоѓа во многу лоша состојба, поради што жителите одамна бараат да се изгради ново.

„Според првичните пресметки и според капацитетот, ново училиште би чинело 19 милиони евра. Свесен сум дека ова е единственото средно училиште во општината, но од друга страна, и во Аеродром нема ниту едно. Додека не донесеме крајна одлука, ќе работиме за да им овозможиме нормални услови за функционирање на децата“, рече Шилегов.

За реконструкција ова лето се планирани: „Димитар Влахов“, „Јосип Броз-Тито“, „Орце Николов“, „Кочо Рацин“, „Никола Карев“, „Боро Петрушевски“, „Здравко Цветковски“, „Панче Арсовски“, „Сарај“, „Панче Караѓозов“ и „Михајло Пупин“, а пред крај е постапката и за реконструкција на „Цветан Димов“ и „Марија Кири Склодовска“. Обновата ќе биде завршена пред почетокот на новата училишна година.

Во овие училишта ќе се изврши целосна реконструкција на фасадите, со цел тие да станат енергетски ефикасни, а во дел од нив ќе се обновува и внатрешноста и ќе се заменува столаријата. Планирани се 60 милиони денари, од кои 46 милиони се за фасадите, а преостанатите за санација на санитарни јазли, подови, врати, електрика и греење. (С.Н.)