Средба на „тројката“ во Виена: ќе продолжат напорите под покровителство на ОН


Ќе продолжат напорите под покровителство на Обединетите нации за наоѓање решение за името, е единствениот заклучок што се соопштува од денешната заедничка средба во Виена на шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција со посредникот во спорот меѓу двете земји Метју Нимиц.

Од македонското Министерство за надворешни работи соопштија дека средбата на Нимиц, како личен пратеник на генералниот секретар на ОН, со министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас се одржала во канцеларијата на светската организација во Виена.
По конструктивната средба, како што се наведува во соопштението, која е дел од напорите за наоѓање заедничко прифатливо решение за надминување на разликата околу името, министрите за надворешни работи, се посочува, се согласија да ги продолжат напорите под покровителство на ОН.

Новата рунда разговори околу долгогодишниот спор, кои се „преселија“ овој пат во Виена, почнаа вчера, кога Димитров и Коѕијас имаа средба очи в очи, пред нивниот денешен состанок со Нимиц.