Средба Заев – Вучиќ: Еден граничен премин меѓу Македонија и Србија


Македонскиот премиер Зоран Заев и српскиот претседател Александар Вучиќ се сретнаа на просторот меѓу граничните премини меѓу двете земји – Табановце и Прешево.
Официјалниот дел од нивната средба заврши со констатација дека Македонија и Србија се пријателски земји кои и натаму ќе ги продлабочуваат меѓусебните односно, независно од можните тактички разлики по одредени прашања.
-Србија и Македонија се пријателски земји и народи. Имаме историски блиски односи. Стратешки сме блиски едни со други, а дали ќе имаме тактички разлики е помалку важно. Определување на српскиот народ е да имаме најдобри односи меѓу Белград и Скопје“ – истакна Вучиќ.
Српскиот претседател и македонскиот премиер разговарале за проектот за интегрирано гранично управување „One stop shop“, кој е помогнат од Светска банка. Како што рече Заев, станува збор за значен проект за граѓаните на двете земји и регионот, а тоа е концептот на заеднички контроли.
-Ова е дел од заедничката економска агенда на Западен Балкан што ја потврдивме на самитот во Трст. Ја носиме Европа овде на Балканот. Ова е еден пример плус за нашето големо пријателство, рече Заев.
Вучиќ рече дека за сите прашања меѓу Белград и Приштина ќе го информира Заев на заедничкиот ручек во Врање, каде што требаше да заминат по прес-коференцијата на граничната линија. Заев, пак, рече дека Македонија поддржува позитивно решение меѓу Србија и Косово, кое ќе го гарантира нивниот мир, безбедност и просперитет.
-Сите лидери во регионот треба да бидат обединети за регионална соработка, траен мир и европска интеграција, рече Заев.
На прашање за референдумот и за договорот Скопје –Атина, како и дали ќе ги повика Србите во земјава да гласаат на 30 септември, Вучиќ посочи дека нема да се меша во внатрешните работи на други земји. Да се повикува на гласање, според него, значи мешање во внатрешните работи на една земја. Решавањето на проблемот за името со Грција, како што оцени Вучиќ, е добра работа за регионот.
-Не се мешам во внатрешни работи на друга земја. Благодарен сум на Заев за ставот со Приштина. Не сакаме да се мешаме, ама позитивно ќе реагираме ако нашите соседи ги решаваат проблемите. Ќе поздравиме сѐ што придонесува за регионалната стабилност. Јас сум му благодарен на Заев што ги разбира нашите ставови околу Косово, одговори Вучиќ.