Србија одби да прими протестна нота од Хрватска
Србија одби да ја прими простената нота на Хрватска поради нападот на тројца Хрвати во местото Сонта во Војводина.
Како што соопштија од српското МНР, амбасадорката на Србија во Загреб-Мира Николиќ одбила да ја прими протестната нота на МНР на Хрватска, со образложение базирано на полициската истрага, дека мотивот на тепањето на тројцата Хрвати не е заснован на нивната национална припадност, бидејќи во инцидентот учествувале лица од иста националност
На денешната седница на хрватската Влада премиерот Андреј Пленковиќ изјави дека Хрватска и упатила на Србија протестна нота поради нападот на тројцата Хрвати во Сонта.
„Ја повикувам Србија да ги заштити своите граѓани со хрватска националност“-изјавил хрватскиот премиер.
Вчера в.д. амбасадор на Хрватска во Белград упатил загриженост на МНР на Србија поради „етнички мотивираното вознемирување и физичкиот напад “,барајќи детални информации за инцидентот.
Во меѓувреме од полициската управа на Сомбор информираа дека инцидентот не е национално мотивиран, и дека предизвикувачите на претепувањето на тројцата Хрвати се уапсени.
По упатувањето на протесната нота на Загреб, денеска српското МНР излезе со соопштение во кое известува дека Белград ја отфрла протестната нота и со жалење констатира дека и овој пат инцидентот кој нема врска со националната припадност на учесниците, е злоупотребен од страна на Хрватска на начин кој создава искривена слика за мирниот соживот на припадниците на разни етнички групи во Србија. Ваквите ставови на Хрватска не придонесуваат кон изградбата на доверба и стабилност што е во интерес на целиот регион -се вели во соопштението на српското МНР.