Србија и Бугарија потпишаа Меморандум за пониски цени за роамингот


Владите на Србија и Бугарија денеска во Белград потпишаа Меморандум за намалување на меѓународните цени за роамингот и за електронски комуникациски услуги.

Меморандумот во името на двете влади го потпишаа српскиот министер за трговија, туризам и телекомуникации Расим Љајиќ и бугарскиот министер за сообраќај, информатички технолгии и врски Ивајло Московски.

Церемонијата на потпишувањето на Меморандумот се одржа во рамки на денешната средба на српскиот претседателот Александар Вучиќ со премиерите на Грција, Алексис Ципрас, на Бугарија, Бојко Борисов и на Романија, Михај Тудосе.

Србија е втора држава од земјите на Западниот Балкан, по Македонија, која потпиша ваков договор со Бугарија. Бугарските власти најавија дека Софија преговара за намалувањето на цените на роаминг и со Албанија и Црна Гора.

Како што претходноо јави МИА, европската комесарка за дигитална политика Марија Габриел најави дека на Самитот ЕУ-Западен Балкан, што во мај идната година ќе се одржи во Софија, ќе презентира план за укинување на роамингот меѓу ЕУ и државите на Западен Балкан.

Габриел изјави дека ќе претстави детален сет на мерки за проширување на забраната за наплата на роаминг во ЕУ со Македонија, БиХ Србија и Црна Гора и дека на ова прашање веќе работи правен тим од советници на Европската комисија.