Србија: Вучиќ слави победа во пет општини, опозицијата обвинува за нерегуларности


Лидерот на СНС и претседател Србија, Александар Вучиќ, прогласи убедлива победа на вчерашните вонредни локални избори во пет општини во Србија.

– Во Печинца освоивме 77,71 отсто од гласовите, а во општина Неготин 70,53 отсто. Во Мионица освоивме 65,8 проценти од гласовите, а во Костолац 62,51 отсто. Им честитам на СПС на Ивица Дачиќ. Тие некаде беа во коалиција со нас, некаде не беа. Им честитам и на ДС на добрите резултати во три општини, истакна Вучиќ.

Единствена општина во која не победи СНС е Прешево, каде што победа однесоа албанските партии, од кои најмногу освои Алтернативата за промени.

ДС, која беше една од ретките опозициски партии кои излегоа на овие избори, најмногу гласови освои во градот Неготин, речиси 20 отсто, додека вкупниот збир во останатите општини во просек изнесуваше над 13 отсто.

– И покрај тезничната атмосфера на купување гласови, уцени, закани и заплашувања, како и на активен бојкот на изборите, овој резултат претставува потврда дека на граѓаните им се потребни промени. Покажавме дека можеме да се бориме и во тешки услови, секој глас е важен. Исто така ќе биде и на следните избори во Белград – соопштија од ДС на Драган Шутановац.

Покрај обвинувањата на ДС за нерегуларност на изборите, се огласи и Саша Јанковиќ од ПСГ, кој изјави дека изборите не беа фер и слободни и оти ова не смее да се повтори на белградските избори. Незадоволни се и од НУНС и НДНВ поради заплашувањата, заканите и навредите кон новинарите за време на изборниот процес, а заради нерегуларностите со критики се огласи и Тања Фајон, пратеничка во Европскиот парламент.

Резултатите од вчерашните избори веќе денеска почнаа да влијаат на можните коалиции за престојните пролетни избори за градот Белград.

Така српски „Курир“ пишува дека коалицијата на Ивица Дачиќ со Воислав Шешељ во Мионица ги „затресе преговорите во пресрет на белградските избори“.

Вицепремиерот и лидер на Социјалдемократската партија, Расим Љајиќ изјави дека „доколку социјалистите се одлучат за радикалите, нема потреба со нив да се разговара. Ние гледавме во СПС потенцијален партнер, но по коалицијата со радикалите, ние ќе разговараме со СНС“.

Лидерот на социјалистите Ивица Дачиќ за РТС денеска изјави дека СПС остварила „исклучителни резултати со коалицијата со СРС на Шешељ во три општини, што значи дека нашата коалиција СПС-СРС и Едниствена Србија на Драган Марковиќ Палма има синергија и е прифатлива за граѓаните“.

На прашањето дали оваа коалиција е најава за соработка со СРС, Дачиќ изјави дека „не е, но и дека сите резултати треба да се земат предвид. Ние имаме разлики по прашањето за ЕУ, но и никогаш не бевме предавници.“

Тој, исто така, нагласи дека би сакал да се одржат предвремени парламентарни избори.

И во опозицијата по вчерашните избори почнаа предизборни комбинаторики за белградските избори.

Така ЛДП на Чедомир Јовановиќ излеза со став дека се задоволни од резултатот на локалните избори, воедно осудувајќи го бојкотот на кој повикаа Саша Јанковиќ и Вук Јеремиќ, со што директно работеле против опзициските партии кои излегоа на изборите.

ЛДП нема да го поддржи Драган Ѓилас, но затоа од сега, зад поддршката на кандидатурата на Ѓилас за градоначалник на Белград застанаа и од Народната партија (НС) на Вук Јеремиќ во „стратешко партнерство со партијата ПСГ на Саша Јанковиќ и Драган Ѓилас“ соопштија по седницата на Претседателството на НС.