Србите бркаат четири разлика против Исланд


Србија, и покрај поразите од Хрватска и од Шведска, сепак, остана во игра за наредната фаза на Европското ракометно првенство. Во таква позиција се најде благодарение на триумфот на коцкестите“ над Исланд, ривал над кој составот на Јовица Цветковиќ ќе мора да слави со четири гола разлика попладнево во Спаладиум“ арена во Сплит за да продолжи со настапи во групата 1 во Загреб.

„Ќе биде исклучително тешко да победиме со четири гола разлика. За тоа ќе мора да ги претрчаме Исланѓаните на кои трчањето им е во крвта. Што е до нас ќе дадеме максимум да одиме во Загреб. Направив доста комбинации во првиот меч со цел да сочувам сили за наредните два. Направивме три замени во одбрана и напад и паѓавме на технички грешки“, вели српскиот селектор Цветковиќ.

Српските репрезентативци немаат избор попладнево (18,15 ч.). Победата се наметнува како императив за нив и покрај двата пораза, откажувањата и проблемите со повреди со кои се соочија за време на подготовките, а Цветковиќ притоа немаше адекватни замени. Ситуацијата дополнително е обременета со неизвесниот настап на Стефан Вујиќ кој се надева дека, сепак, ќе може да им помогне на колегите.

„Ќе влеземе во ладни главни. Нема што повеќе да се зборува. Мора да ги победиме со четири гола разлика и ќе се обидеме така и да биде. Исланд игра многу брз ракомет што не ни одговара. Ги имаат Смарасон, легендарниот Сигурдсон, имаат добри бекови и голман со искуство од Бундеслигата. Но, ние немаме избор и мора да триумфираме“, коментира Богдан Радивоевиќ.